„Со теорија на терен!„ е мотото на Истражувачко друштво на студенти биолози-ИДСБ, една од најстарите младински организации во земјата, кои годинава во склоп на Биолошката програма на Д Фестивал на „Плоштарт“ ќе го истражуваат животинскиот свет во Дојран.
„Овие вљубеници во природата се секогаш расположени за истражување и еколошка едукација. Биолошката програма на „Д Фестивал 14“ оваа година ќе стави акцент на халуциногените габи во Македонија, птиците во Дојран, како и водоземците, водните влекачи и цицачи“, објаснуваат организаторите.
Популарниот Д Фестивал годинава ќе се одржи од 28-ми до 30-ти јуни во Дојран, по 14 ти пат.
Од организацијата веќе ги најавија првите музички учесници на настанот. Lil Pump, Elemental, Peach Vice, Sanatorium, Sama Abdulhadi, Zoster, Ruzno Pace, Bullz, Luka Chombe, Nomad, Црно Собрание и многу други музички имиња ќе се појават на неколкуте фестивалски сцени.
Д Фестивал е поддржан од страна на Министерството за култура, како проект од национален интерес во музичката и музичко-сценска дејност. Фестивалот секоја година привлекува голем број на посетители, не само од земјава, туку и од регионот.