Историска размена на затвореници меѓу САД и Русија

Белата куќа за оваа размена работеше надвор од очите на јавноста за да ги ослободи новинарот на „Вол Стрит Џурнал“, маринецот Вилан, новинарката на Радио Слободна Европа Алсу Курмашева и постојаниот жител на САД, Владимир Кара-Мурза, отворен критичар на рускиот претседател Владимир Путин. Кремљ го доби назад убиецот Вадим Красиков, кој беше во германски затвор

САД заедно со неколку европски земји и Русија извршија историска размена на затвореници, при што инволвирани се 24 луѓе во размената. Меѓу нив американскиот новинар Иван Гершкович, маринецот Пол Вилан, како и рускиот убиец Вадим Красиков.

Се работи за акција подготвувана најмалку две години и е плод на макотрпни, тајни разговори.

Белата куќа за оваа размена работеше надвор од очите на јавноста за да ги ослободи новинарот на „Вол Стрит Џурнал“, маринецот Вилан, новинарката на Радио Слободна Европа Алсу Курмашева и постојаниот жител на САД, Владимир Кара-Мурза, отворен критичар на рускиот претседател Владимир Путин.

Иван Гершкович / Фото: ЕПА

Кремљ потврди дека Вадим Красиков, платен убиец кој се врати во Русија преку размена на затвореници, бил вработен во ФСБ и дел од специјалните сили „Алфа“ на руската безбедносна агенција. Красиков беше во германски затвор за убиство на поранешен чеченски милитант во 2019 година, извршено во парк во Берлин.

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа ги пречека затворениците, меѓу кои и Красиков при враќањето во Москва. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека размената на затвореници била договорена меѓу ФСБ и американската ЦИА.

Вадим Красиков и рускиот претседател Владимир Путин / Фото: ЕПА

Германските власти велат дека ослободувањето на Красиков било тешка одлука поради дрското убиство кое беше извршено среде бел ден, блиску до парламентот и канцеларијата на тогашната канцеларка Ангела Меркел.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека одлуката била донесена поради интересот за ослободување на невини луѓе затворени во Русија.

– Никому не беше лесно да донесе одлука за депортација на убиец осуден на доживотен затвор по само неколку години затвор,

изјави Шолц, кој ги поздрави ослободените затвореници при нивното пристигнување на аеродромот во Келн.

Службеници на ЦИА на крајот на јуни одржале тајна средба со руски разузнавачки служби во непознат град на Блискиот Исток за да преговараат за размена на затворениците. ЦИА со месеци ги убедувала германските службеници да го ослободат Красиков, за кого се верува дека има блиски врски со Путин.

Русите предложиле размена на Красиков за двајца Американци затворени во Русија под неосновани обвинувања за шпионажа: поранешниот американски маринец и новинарот Гершкович.

На почетокот од месец јули, руската страна покажала интерес за размената. Москва на 17 јули официјално ги прифатила условите за размена.

- Реклама -