Истекоа правата на најраниот Мики Маус, веднаш објавени два хорор филма


Само 24 часа по истекот на авторските права на „Walt Disney“ на Мики Маус, објавени се два независни филма во кои „глуми“ познатиот глушец.

„Steamboat Willie“ (Паробродот Вили), првиот филм на „Walt Disney“ за глушецот Мики, во понеделникот стана јавна сопственост според американските закони, бидејќи е објавен пред 95 години. Тоа значи дека на секој сега му е дозволено да ги копира, споделува, повторно користи и адаптира примитивните, рани верзии на ликовите што се појавуваат во филмот, вклучувајќи ги и Мики и неговата девојка Мини.

И покрај предупредувањата на „Walt Disney“ дека ќе се обидат легално да го заштитат својот култен лик, од филмаџиите се очекуваше брзо да ги објават своите неофицијални адаптации, а тие не разочараа, пишува агенцијата AFP.

„Mickey’s Mouse Trap” (Замката на глувчето на Мики) е приказна за убиец маскиран како Мики кој демне група млади во забавен парк, додека друга, сè уште ненасловена хорор комедија, е за садистички глушец кој ги злоупотребува патниците на траектот.

„Сакавме само да се забавуваме со тоа. Тоа е Мики Маус од ‘Паробродот Вили’ кој убива луѓе. Тоа е урнебесно. Си игравме со тоа, се забавувавме додека го правевме тоа, и мислам дека тоа и се гледа“, вели режисерот на првиот филм, Џејми Бејли.

Нискобуџетната хорор-комедија би требало да излезе во март.

Во меѓувреме, режисерот Стивен ЛаМорте работи на „извртената“ верзија на Мики.

„Паробродот Вили им донесе радост на генерациите, но под таа весел надворешност се крие потенцијалот за вистински, непоколеблив хорор“, вели ЛаМорте а снимањето на тој филм ќе започне оваа пролет.

Од „Walt Disney“ најавуваат дека внимателно ќе се следи и ќе реагира законски доколку некој претера. Само најраната, црно-белата верзија на Мики е во јавна сопственост, а не онаа во колор-техника од подоцнежните филмови како „Fantasie”. „Walt Disney“ има и заштитена „заштитна марка“, па секој филм или производ што би бил лажно претставен како продукција на „Walt Disney“ може да биде казнет.

„Ние, се разбира, ќе продолжиме да ги штитиме нашите права во помодерните верзии на Мики Маус и другите дела кои остануваат наша интелектуална сопственост, и ќе продолжиме да ги штитиме потрошувачите од измами со неовластена употреба на Мики и другите наши иконски ликови. “ изјави Дизни.

Но ЛаМорте не е загрижен за тоа.

„Проверуваме сè за да бидеме сигурни дека нема непознати или забуни околу тоа што го правиме. Ова е нашата верзија на карактер од јавни домини“, вели ЛаМорте за Variety.

- Реклама -