Забраната на употребата на „Сонцето од Вергина“ (ака. Сонцето/Ѕвездата од Кутлеш) на сите јавни површини во Северна Македонија стапи на сила од понеделник, потсети денеска грчки „Катимерини“, укажувајќи на тоа дека денеска истекува „транзициониот“ период од шест месеци предвиден со Преспанскиот договор, кој стапи на сила на 12 февруари 2019-та.
Освен што со Договорот тогашната Република Македонија призна дека нема поврзаност со културата и симболите на Античка Македонија, „Втората страна“ се обрза и дека „нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Како што стои во точка 3 од членот 8 во Преспанскиот договор, Втората страна се обврза „во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, да пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија“. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба, предвидува членот 8, но според Договорот, спомениците што упатуваат на тој период ќе добијат ознаки дека се дел од античката хеленска историја и цивилизација.
„Обврските од Договорот се имплементираат согласно Договорот и предвидената динамика. Во целиот процес има комуникација и соработка со грчката страна. Обврските и трошоците поврзани со имплементацијата на Договорот се на товар на надлежните јавни институции кои ги имплементираат предвидените активности.
Преспанскиот договор создава обврски за државите и јавните институции на двете страни. Тие се задолжени за неговата имплементација. Договорот не создава обврски за приватни лица и приватни ентитети, но државата и јавните институции ги охрабруваат и поттикнуваат приватните лица и приватните ентитети доследно да го почитуваат и применуваат Договорот во пракса“, се вели во одговорот од Владата до ТВ „Алфа“ за тоа како ќе се применува забраната за Сонцето од Кутлеш во пракса.
Едно е сигурно, институциите ќе имаат доста работа, со оглед дека Ѕвездата од Вергина се јавува во долга низа примери (погледнете на „МКД.мк“).
Сонцето од Вергина беше претставено на првото знаме на Северна Македонија, но подоцна беше отстрането, откако Грција на земјата ѝ наметна трговско ембарго, потсетува „Катимерини“.