„Ние строго водиме сметка и ги следиме несаканите дејства и она што од досега можам да го кажам е дека сите несакани дејства кои ги имаше, се ефектки кои се случуваат и со другите вакцини, а тоа се реакција на местото на убодот, болка во таа рака, евентуално малку повишена температура и малаксаност. Но немаме некои посериозни реакции или нешто слично. Тоа се нашите искуства после над 1 милион вакцинирани, што не е мал број“, изјави српскиот колега на министерот за здравство Венко Филипче – Златибор Лончар, денеска на „Табановце“, каде што ја донесе втората пратка од донацијата од Србија, на прашање на македонските новинари за несаканите дејства од вакцините што се покажале при вакцинацијата кај нашиот северен сосед.
Тој истакна дека досега не е забележана некаква позначајна разлика меѓу вакцините од различните производители.
„Нема такво нешто, некоја вакцина посебно да се издвојува. Едноставно, сите тие се вакцини кои нашата Агенција за лекови ги провери и направи анализа и тоа се исклучително безбедни вакцини. Имате некоја мала разлика дали некоја вакцина побрзо или побавно ќе создаде антитела, но од друга страна не можете сега да утврдите дали кај таа што побрзо создала антитела – побрзо и ќе се намалат, за тоа е потребно време. Значи, имате само во тој поглед некоја минимална разлика, а сѐ останато што се однесува до безбедноста, нема никакви разлики“, рече Лончар.
Тој додаде дека и покрај тоа тие продолжуваат да ја следат состојбата со несаканите ефекти, бидејќи тоа е обврска на српските институции, исто како што ќе го прават и македонските, затоа што, како што рече, едноставно тие правила важат за сите земји.
„Дури после некое време ќе можеме сите тие нешта да ги согледаме и да правиме анализи. Сега ни е најважно да набавиме што повеќе вакцини и што повеќе луѓе да вакцинираме и да се обидеме да ги заштитиме“, додаде српскиот министер за здравство.
Како што рече тој, досега Србија има набавено преку 2 милиони дози вакцини, од 4 вида (од „Фајзер, АстраЗенека, Синофарм и Спутник В). Досега се вакцинирани повеќе од 1 милион Срби, од кои дел се и ревакцинирани. Целта, рече Лончар, е во Србија да се вакцинираат над 2.5 милион луѓе.
Тој одби да одговори колку пари досега Србија потрошила на вакцини, но потенцираше дека во овој момент парите не се главниот проблем на пазарот.
„За жал не можам да ви одговорам колку пари сме потрошиле, бидејќи сите тие договори кои се прават се доверливи и не смееме со нив да излегуваме во јавност. Тоа е услов на производителот и оние од кои ги купивме. Навистина не можам да навлегувам во таа тема, но она што е сигурно е дека вакцините не се ни малку евтини, тоа мислам дека сите го знаете.
Но, во овој момент, колку сакате имајте пари и понудете било која цена – вакцини нема на пазарот. Веќе воопшто не се работи за тоа дали имате пари за вакцина или не, туку најголемиот проблем е што ја нема на пазарот. Има и многу побогати земји од нас кои би можеле да дадат многу поголеми суми пари, но нажалост, веќе ги нема на слободниот пазар и не можете да ги купите за било кои пари. Тоа е моменталната ситуација, се надевам дека тоа ќе се поправи, дека сите тие застои ќе се решат и ќе има доволно вакцини за сите“, рече Лончар, потенцирајќи дека дотогаш мора да бидеме внимателни, да водиме сметка за однесувањето и да се придржуваме до мерките кои ги предлагаат нашите експерти, бидејќи тоа е единствен начин да се држи ситуацијата под контрола и да не се влезе повторно во нови бранови со висок пораст на заразени, кои, како што истакна, се случуваат и во Европа и во регионов. „Така што, таа ситуација сѐ уште е крајно неизвесна“, додаде српскиот министер.
Приликата на „Табановце“ тој ја искористи и да ги предупреди македонските граѓани дека првата вакцина не значи и победа.
„Она што сакам да им кажам на граѓаните на Северна Македонија е дека нашите искуства покажуваат дека кога ќе се прими првата вакцина не треба да има опуштање. Значи, некоја вакцина дава побрзо антитела, друга побавно, но нема никакво опуштање. Тоа треба да водите сметка, бидејќи и нас ни се случуваше луѓето да ја примат првата доза, па ја симнуваат одма маската и мислат дека е во ред, па имаме одреден број луѓе кои се заразуваат после првата доза, бидејќи немаат доволен број антитела. Тоа е нешто за што ќе морате да водите сметка“, посочи српскиот министер за здравство.