Исклучени коморите со реагенси во ИЈЗ, Обвинителството итно оформи предмет

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска најави прес-конференција за денеска во 12:30. Во најавата се вели дека прес-конференцијата ќе биде за информација на јавноста во врска со спречениот обид за диверзија на институцијата

Јавното обвинителство итно оформи предмет по допрен глас, по информациите дека вчера на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) намерно било исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести.

„Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена“,

соопштија оттаму.

Директорката на Институтот, Марија Андоновска во изјава за МИА вели дека по вчерашниот настан, денеска проверуваат дали има оштетени реагенси.

„Можно е ова да се има случено во периодот помеѓу 14.30 и 15.30 часот. Фрижидерите и коморите што ги имаме се во посебни простории под клуч. Во случајов се работи за широк ходник во кој лево и десно има лаборатории, а во кој исто така се сместени разводни табли со осигурувачи за струја во фрижидерите. Среќа што ние бевме сѐ уште на работа и хигиеничарката, која доаѓа по вработените кои заминуваат, забележа дека има некаков проблем кај разводните табли, таа алармираше. Ако не бевме тука и не реагиравме веднаш, денеска ќе имавме огромно загрозување на општата состојба на граѓаните, загрозување на животот и здравјето нивно, согласно на кривичниот закон, дополнителна штета во милиони. Ќе немавме ниту еден реагенс“,

вели Андоновска, која очекува истрагата да покаже кој сѐ имал пристап и до осигурувачите за струја за фрижидерите каде се чуваат реагенси за целата држава.

Андоновска додава дека во моментов се испитува дали има уништени реагенси, се преземаат безбедносни мерки, а од МВР ќе се бара да постават камери.

Првичните информации, според неа, се дека тоа го има направено, некој што точно знае каде треба да се исклучи за да останат баш тие фрижидери без струја, затоа што само тие биле исклучени.

Андоновска најави прес-конференција за денеска во 12:30 часот. Во најавата се вели дека прес-конференцијата ќе биде за информација на јавноста во врска со спречениот обид за диверзија на институцијата.

- Реклама -