Бебињата често се раѓаат со подолги нокти, но и подоцна им растат мошне брзо. Иако ноктите им се многу меки и кршливи, малечките може да се изгребат по осетливата кожа. Затоа ноктите треба да им се сечат, но мора да бидете внимателни во тоа.
Нокти на рацете
Првите неколку недели ноктињата се толку меки што можете да ги излупите со своите нокти, без да употребувате ножички. Подоцна ноктите стануваат малку поцврсти, па треба да ги исечете, а тоа е најдобро да го правите со посебни ножички за тоа, со заоблени врвови. Добро е да ги сечете ноктите по капењето, кога се помеки, или пак кога бебето ќе заспие и ќе биде мирно. Внимавајте да не ја засечете кожичката под ноктите.
Нокти на нозете
Ноктите на нозете растат побавно, исто како и кај возрасните луѓе. Сепак треба редовно да ги проверувате и да ги сечете за да не дојде до сраснување. Многу е важно никогаш да не ги сечете заоблено туку рамно, за работ на ноктот да не срасне во месото, што може да биде многу болно. Ако ви се случи малку да го исечете детето, што се случува, само лесно притиснете ја раната со стерилна газа.