Инвеститорот кај „Мавровка“ ќе тужи и ќе бара отштета за рушењето, Обвинителството побара мерки на претпазливост

Веднаш штом претпладнево започна уривањето на објектот кај трговскиот центар „Мавровка“, во придружба на двајца адвокати и „вооружен“ со документи кој ги презентираше пред медиумите, се појави и „мистериозниот“ инвеститор – Мевлудин Алити, со изјава за јавноста. Се пожали дека закажал прес-конференција во 11.30 часот, но службите го претркале со рушењето.

Алити истакна дека воопшто не е точно дека не бил достапен за полицијата и дека не знае зошто градоначалникот на Чаир – Висар Ганиу, рекол дека не знаат кој е инвеститорот, бидејќи до Општината ги поднел потребните документи. Потенцираше дека уште првиот ден кога дошла полицијата, тој бил тука и им ги дал документите за објектот. Причината за неговиот досегашен молк во јавноста и избегнувањето на медиумите, објасни, е што сметал дека се работи за приватен објект и приватна работа што не (треба да) е предмет на јавен интерес.

Алити ги демантираше и информациите во медиумите дека тој го исекол дрвото и се пожали дека неговото кафуле веќе подолго време е мета на напади:

„На еден од порталите прочитав дека сум го исекол дрвото. Не сум го сторил тоа, имам видео запис во кој се гледа како го сечат дрвото. Лани најдов проектил од рачен фрлач во објектот. Оваа година ми го запалија. Педесет дена не знам кои се причините. Истрагите завршуваат со непознати причини или непознат сторител“, рече тој и праша зошто и по 50 дена сѐ уште не се откриени сторителите и нивните мотиви.

Според Алити, рушењето на објектот е политички мотивирано, а со цел тој да биде отстранет од оваа локација која како сопственик ја поседува со децении. Неговиот случај го спореди со случајот „Космос“ од времето на Груевски кога објекти се рушеле „по телефон, со бомби“, па дури и иронично се понуди да му го даде на поклон на нарачателот:

„Човекот што го сака мојот објект нека се јави да му го подарам, да не се мачиме вака“, рече Алити.

Тој тврди дека воопшто не градел нов објект и не било воопшто планирано да гради втор спрат, туку го возобновувал стариот објект од метална конструкција, кој изгоре на 1 мај, а за кој ја има целата потребна документација и за чија легализација на градот му платил 4.7 милиони денари.

Во таков случај – за обнова на целосно уништен објект, категорични се Алити и неговиот адвокат повикувајќи се на член 76 од Законот за градба, нема потреба од дозвола за градба, туку треба да се достават само проект за обновата и елаборат, што тие го направиле. Притоа, поднеле и барање за расчитување на парцелата (шутот и отпадот), кое било одобрено.

Оттаму, тврдат, не може да стане збор за дивоградба, бидејќи поседуваат докази, односно имотен лист кој може да се извади од Катастар и каде е запишано правото на сопственост, и тоа во неколку имотни листови, за површина од вкупно 333 метри квадратни.

Притоа, тие истакнаа дека законот не поставува ограничувања во однос на материјалот, во случајов бетон, со кој ќе биде обновен објектот, сѐ додека истиот не излегува од дозволеното место за градба и не ја нарушува стабилноста на земјиштето.

„Нека руши државата како што е научена да руши, нека ми ги остави вработените и фамилијата без леб“, коментираше Алити, најавувајќи дека ќе тужи и ќе бара отштета за обновениот објект, што го чинело, како што рече, 9.5 илјади евра.

„По кој основ премиерот може да даде помош на Општината без да биде побарана? Зошто Општина Охрид кога бара помош за рушење на дивоградбите никој не им ја дава. Ова нека биде позитивен пример, нека оваа влада си ја заврши работата во сите општини. А за оваа општина и овој објект си има институции, си има документација, ќе одиме на суд, ќе си бараме оштета. Он си има легално право да си го обнови објектот“, реагираше неговиот адвокат.

„Ќе тужам, и не само пред домашни судови туку ќе одам и во Стразбур”, најави Алити.

Веднаш по неговото враќање, реагираше и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој демантира дека објектот е легален:

„Ако платил комуналии тогаш објектот е легален, ама нема платено. Не знам дали платил надоместок за приватизација на земјиштето, што е главниот проблем, бидејќи ако е така, продажбата се одвивала во организација на централната власт, а во тој случај 80 проценти од средствата од продажбата одат кај централната власт. Мене ми е криво што дојде до изградба на ваков објект, но ова нека биде пример за сите кои сакаат да профитираат на сметка на легалните инвеститори, кои плаќаат данок кон државата“, рече Шилегов.

Тој појасни и дека државата го руши објектот затоа што Градот Скопје нема ингеренции, но истакна дека би било добро во иднина тие да се префрлат на градот.

Шилегов потсети и дека претходно инвеститорот бил казнет со 5.000 евра за случајот со исеченото дрво, иако Алити тврди дека други го исекле дрвото.

Во меѓувреме, пак, Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека издало Наредба за спроведување истражна постапка против инвеститорот, за основано сомнение дека сторил кривично дело – „Бесправно градење“ од член 244-а став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, во текот на месеците јуни и јули, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330м2 пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, без притоа да добие одобрение за градба од надлежен орган, се вели во соопштението.

Од Обвинителството информираат и дека со цел обезбедување на присуството на осомничениот во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, обврска да се јавува повремено во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање нова.

Рушењето на објектот пред „Мавровка“ започна утрово откако вчера Владата препорача „Македонија пат“ да обезбеди механизација и персонал за уривање на дивоградбата.

- Реклама -