Преносливите гаџети веќе се вгнездија во нашето секојдневие, но постепено почнаа да се провлекуваат и на места каде што не ги очекуваме.
Неодамна, на Kickstarter беше претставена KGoal – справа за вежби за вагина, дело на компанијата Minna Life од Сан Франциско. Продуктот го опишуваат како „тренер за вашата вагина“, а ја одржува интимната мускулатура во топ форма по пат на следење, мерење и вежбање на вагиналните ѕидови.
Доаѓа во фома на силиконско перниче, поврзано со смартфон апликација, кое ја мери јачината на „вагиналниот стисок“ и ја испраќа преку bluetooth до вашиот телефон. За да бидете сигурни дека правилно ги изведувате Кегеловите вежби, тренерот емитира вибрационен и светлосен „фидбек“ сигнал, секој пат кога ќе ги погодите правите движења.
„Мускулите на дното на карлицата се меѓу најважните, а најпотценети делови од телото“, вели дизајнерката на гаџетот, Грејс Ли. Тие мускули се наоѓаат помеѓу пубичната коска и самиот раб на рбетот, ги држат бешиката и уринарната цевка на своето место и го контролираат мокрењето. При пораѓање, овие мускули можат да претрпат сериозни оштетувања, заради што се јавува инконтиненција и намалено задоволство од сексуалниот живот.
На Kickstarter веќе се собрани повеќе од половина од планираните средства потребни за реализирање на проектот.