Во организација на ПР и маркетинг агенцијата Ханибиз и ПСМ Фондација, од 03.05.2012 до 12.06.2012 ќе се одржи курс по ликовно естетска и драматуршка фотографија. Курсот ќе го води мултимедијалниот артист Дејан Џолев во соработка со професионални фоторепортери, фотомодели, модни дизајнери, актери, режисери…
Дејан Џолев на уметничката сцена е присутен повеќе од една деценија. Meѓу другото има поставно две самостојни фотографски изложби, автор е на четири кратки филмови, има учествувано на 30тина изложби и бројни филмски фестивали во светот – Македонија, САД (Њујорк, Ајова), Тунис, Шпанија, Германија, Франција, Словачка, Хрватска, Турција, Австрија, Луксембург…
Што содржи програмата за курсот?
Ќе се задржиме на неколку фотографски мотиви. Пејсажната фотографија, стрит-лајф фотографија, портретна и модна фотографија. Ќе поставиме конкретни проблеми и преку разработка на овие мотиви ќе ги научиме техничките можности на фотоапаратот, будење на креативноста што сите ние ја поседуваме и компјутеркса обработка што е неизбежна за еден финален фотографски производ.
Предавања ќе бидат поставени на еден нетрадиционален начин. Можеби шоу е несериозен збор. Перформанс е на место. Покрај теоретскиот дел, големо внимание ќе посветиме на праксата, каде ќе ни се придружат професионалци од најразлични уметнички профили. Тука ќе бидат модните дизајнери со нивните фотомодели, драматурзи и актери. Сликари и секако фоторепортери.
Која е причината поради која се одлучивте да организирате курс по фотографија?
Денес фотографијата е достапна за секого. Исто така денес е многу лесно да се добие фотографија како производ, но не секогаш сме и среќни со нашата фотографија. Идејата за курсот произлегува од неможноста на љубителите на фотографијата да се запознаат со вистинските вредности за производ на добра фотографија. Ќе зборуваме за естетика, ликовност, пристап кон субјект, филозофија… Но многу повеќе ќе работиме. Историјата на фотографијата е за во повисоките образовни форми, како и фотографските карактеристики од технолошки аспект. А токму тоа е сè што ни се нудеше до сега.
Во чија организација е курсот?
Курсот е во организација на ХАНИБИЗ, ПР и маркетинг компанија и ПСМ фондација. Тоа е тим кој изминатиот период се посвети на многу слични тренинзи, курсеви, конференции од најразлични сфери. На курсот по ликовно-естетска и драматуршка фотографија ќе се сретнуваме двапати неделно, во просториите на ПСМ Фондација, почнувајки од трети мај, до дванаесетти јуни. Тоа ќе бидат мали групи кои временски ќе се организираат по заедничка согласност на учесниците.
Што по завршувањето на курсот?
На крајот од седумнеделниот курс, најдобрите фотографии ќе бидат изложени. Сите ќе бидат наградени со одлична забава и сертификати за завршената работа. Не сметајќи на новите пријателства, новите знаења, примени на еден нов поинаков начин…