„Јас Бојан Јовановски со прекар Боки 13 го познавам неколку години наназад. Се сеќавам втората половина на месец јануари 2019 година со друштво седев во кафе бар ‘Круг’ кога се појави Боки и пријде да се поздравиме. Ми кажа дека деновиве треба да се видиме“, сведочело едно од лицата повикани да дадат исказ во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за случајот „Рекет“, објави порталот „Инфомакс“. Во текстот сведокот не е именуван, но се работи за поранешен директор на една од најголемите телекомуникациски компании во државата.
„Инфомакс“, кој претходно објави дел од записникот од исказот на Камчев и тврдеше дека неговото сведочење за „Рекет“ го инкриминира и премиерот Зоран Заев заедно со уште неколку високи функционери на Владата и СДСМ, за што беше демантиран од обвинителката Вилма Рускоска, и овојпат тврди дека сведочењето и на овој сведок „јасно покажува дека високи функционери на власта биле добро запознаени со активностите на Боки 13 и Катица Јанева“.
Како што пишува Александар Митовски (новинарот и главен уредник на „Инфомакс“), во дел од исказот сведокот изразува убеденост дека преку Боки 13 делувала Владата, во делот кога раскажува за една од средбите со прво и второосомничениот (Зоки Кичеец), на која Боки инсистирал дека има поддршка од Владата и сè ќе било средено. Целиот текст во кој наводно се изнесени детали од исказот на сведокот, прочитајте го ТУКА.