Индијка во Шведска: Лекциите што ги научив од животот овде

Дивја Шарма е експерт за човечки ресурси, блогер, патувач, читач и сонувач. Во 2013-та ја напушта родната Индија. Денес секојдневно живее на двете страни од мостот Оресунд – работи во Данска, а живее во Шведска. На нејзиниот блог раскажува како промената се одразува на нејзиниот живот, но и нејзината личност.

„Сега ми е чудно што на самиот почеток бев толку многу против доселувањето овде. Сега не можам да се сетам на живот поинаков од овој во Шведска. Се разбира дека ми недостига Индија, но од самата помисла да го напуштам ова овде ме полазуваат морници. Се чувствувам како да пораснав во Индија, но како да станав возрасна овде во Шведска“, пишува Шарма.

Лекциите:

1. Трпение

Порано, во Индија, се лутев, бев нетрпелива и ме иритираше секоја мала ситница. Сообраќајот, чекањето во редови, луѓето што зјапаат, сé тоа ми кинеше нерви. Можеби има врска со начинот на живот, но бидејќи секој овде е трпелив додека чека во ред, кога поминува улица, во банка, во даночно, речиси секаде каде што одиш – и јас сум многу потолерантна. Сведочењето на сето ова ме направи многу посмирена.

2. Емпатија и сочувство

Отварањето на врата на непознати, фрлањето ѓубре во канта, разбирањето на борбата и маките на другите. Повторно тренд што е вметнат во шведскиот начин на живот – емпатијата е вградена во самото општество.

3. Самотија

Колку и да ја мразев самотијата дома во Индија, овде почнувам да ја обожавам. Времето со самата себе ми овозможи да инвестирам повеќе време во читање книги, пишување статии, јога и излети во природа. Дома беше ретко, но овде време имаш во изобилство, а самотијата направи да имам време за себе и да почнам да правам нови нешта.

4. Искреност

Не викам дека во Индија ја нема, но овде сé функционира на принцип на искреност и стоење на зборот. Продавачот не го брои ситното кога му плаќаш, те советува да не купуваш одредени нешта дури и кога тоа значи дека ќе биде зијан, работодавачите не ти го проверуваат писмото за препорака кога аплицираш за нова работа, итн.

5. Патување

Ништо не ти ги отвара очите кон светот како патувањето. Гледаш нов пејзаж и слушаш нов јазик, а тоа што на почеток ти звучи вонземски само го вади најдоброто од тебе и ја разгорува љубопитноста, па си желен да ја дешифрираш културата. Животот во Шведска и патувањето ми овозможи скапоцена можност да научам многу за различните културни норми.

6. Се цени времето

За разлика од Индија, овде сé се случува на време. Забава во 19 часот почнува точно во 19 часот, а официјалните состаноци во 8 наутро почнуваат точно во 8 наутро. Да стигнеш и да си на време овде е начин на живот, независно од временските услови или било кои други околности.

7. Сонцето и доброто време е скапоцено

Шведска е позната по непредвидливото темно, дождливо и меланхолично време. Убавите денови се ретки, а исто такво е и сонцето. Викенд или не, ако времето е убаво, ќе видите повеќе насмевки од било кога. Бидејќи доброто време е благослов, научив да го ценам повеќе од било кога, и да го искористам додека трае. Кога времето не е убаво, си наоѓам други занимации.

8. Напуштање на комфорт зоната

Пред да ги напуштиме нашите земји, никогаш не го гледаме животот од другата страна. Доаѓањето во Шведска ми овозможи да ја согледам големината на планетата и разликата во начините на живеење. Има луѓе како нас таму надвор што го гледаат светот од друга перспектива. Културата, мисловниот процес и живеењето се секаде различни, и не го сфаќаш тоа додека не ги спакуваш торбите и не го искусиш ти лично.

9. Вредноста на работењето

Витално. Во Индија бев среќна девојка посветена на кариерата, но огромната неопходност од истата ја сфатив дури кога се преселив во Шведска без работа. Наоѓањето на работа стануваше сé потешко, поради потребата да се знае локалниот јазик. Рмбав многу напорно и ми требаше година да го совладам јазикот и конечно да најдам работа. Сега кога ја имам и те како ја ценам.

10. Гледање куќа

Како и повеќето дома во Индија, гo имав луксузот да имам чистачки и помошнички да ми работат многу од работата во домот. На целата борба и жал по комфортот дома во Индија, овде научив да гледам куќа на потешкиот начин. Од менување сијалица, до купување намирници и возење. Сега дури и кога одам во Индија на празници, инсистирам сама да си ја перам облеката, да си ги мијам чиниите и другите неопходноси. Чудно, но потребата да имам помошничка сега ме прави да се чувствувам хендикепирано.

11. Колку помалку пријатели, толку подобро

Бев навикната да бидам опкружена со многу „пријатели“ во Индија. Одењето во пабови, диско, на кино со пријател само за да има/имаш друштво беше многу често. Преселбата во Шведска, каде што не познаваш многу луѓе, го прави човек да научи да ги избере тие со кои најдобро се согласува, а не да виси со било кој. Квалитетно поминатото време овде е поважно отколку да висиш со рандом луѓе со кои имаш малку или ништо заедничко.

12. Нов јазик, нов бран во животот

Учењето на шведскиот на почетокот ми изгледаше како нешто наметнато за да најдам работа. Беше тешко. Но полека, самодовербата ми порасна на ново ниво и почнав да уживам во јазикот, неоптоварена од тоа дали ќе најдам работа или не. И баш тогаш најдов.

13. Пешки или со велосипед до добро здравје

Луѓето во Шведска преферираат да одат или да возат велосипед на пат кон работа. Дефинитивно не можеш да процениш нечија возраст, бидејќи редовно вежбаат (или поради погорново). Луѓето овде одат енергично и на долги релации, за разлика од нас во Индија – ние не сме навикнати на одење. Секако, Индија ја има маката на не-баш-развиени патишта. Овде одам по 2-3 километри на ден, и тоа е најдобрата форма на вежбање уште од сам старт.

14. Планирање на сé однапред

Летен одмор? Го букираш уште во зима. Организираш забава или настан? Праќаш покани недела или две порано. Закажано на доктор? Не е толку итно? Закажи месец порано. „Пет до дванаес“ не работи во Шведска. Луѓето го ценат твоето време и очекуваат и ти да го цениш нивното.

15. Индијство

Индија и нејзините вести и фестивали никогаш не ми биле поважни отколку сега. Конекцијата со татковината станува сé посилна. Во многу наврати, преку искуствата на Швеѓаните учам повеќе за мојата земја и нејзината култура, отколку што би научила дома.

 

 

- Реклама -