Индија го направи тоа што ние треба да го правиме

Индиската полиција уапси маж чии „миризливи“ (благо речено) чорапи предизвикале хаос во еден патнички автобус, пренесува AFP.

Мажот патувал од хималајската држава Химачал Прадеш кон главниот град Делхи, a тензиите настанале откако сопатниците се пожалиле на неподносливата смрдеа и побарале од босиот или да ги облече чевлите, или да се реши од чорапите (макар и да ги фрли од автобус). Патников одбил, ескалирајќи ја ситуацијата во расправија, при што шоферот решил да сврати до полициската станица во попатниот град Уна.


Според месниот полициски началник, човекот бил уапсен под обвинение за нарушување на општествениот ред и мир, воедно и поради тоа што им се заканувал на сопатниците и ја ескалирал расправата. Подоцна е ослободен со кауција.

Од друга страна, мажот поднел жалба против сопатниците и екипажот на автобусот, со образложение дека бил вознемируван и дека чорапите не му мирисале.

Градот го напуштил следниот ден, со друг автобус.

… Ние си го замислуваме пак собуен, со истите чорапи, додека автобусот патува кон зајдисонцето и полека се губи во хоризонтот.

- Реклама -