Има(ло) ли вонземјани на Земјата? Научник на НАСА објаснува зошто можеби не сме ги забележале

Силвано Коломбано – научник од НАСА, смета дека не треба да се исклучи можноста дека вонземјаните веќе ја посетиле Земјата, па дури и дека се тука, но дека луѓето не ги забележале од причина што можеби се „екстремно мали“.

Коломбано алудира на тоа дека вонземјаните би можеле да изгледаат значително различно од живите форми базирани на јаглерод кои нас ни се познати.

Тој потсетува дека „супер интелигентни“ вонземјани би поседувале технологија што луѓето не можат ниту да ја замислат, а секако, тоа би им овозможило и меѓуѕвездено вселенско патување.

 

Забелешките на Коломбано доаѓаат во момент кога НАСА го скенира универзумот во потрага по други цивилизации, а во рамките на програмата за потрага по вонземска интелигенција – SETI (Search for extraterrestrial intelligence). Тој смета дека е клучно научниците да го прошират својот спектар на сфаќања околу тоа како би изгледале евентуалните вонземјани.

„Едноставно сакам да го истакнам фактот дека интелигенцијата што може да ја најдеме и што би можела да одбере да нé најде нас (ако не нé нашла и досега), може воопшто да не е создадена од јаглеродни форми на живот како што сме ние“, вели Коломбано.

Тој порачува дека научниците мораат да ги ревидираат дури и нашите најцврсти уверувања, сфаќања и претпоставки, а кои се однесуваат на речиси сите аспекти на тоа како ги замислуваме евентуалните вонземјани – од должината на нивниот животен век, па до нивната висина.

„Големината на ‘истражувачот’ (вонземјанинот) може да е таа на екстремно мал супер-интелигентен ентитет“, вели научникот.

Спротивно од тоа, тој е убеден дека научниците се премногу фокусирани „бркајќи“ сигнали на модерна човечка технологија на другите планети. Тоа значи, според него, дека можеме да пропуштиме други сигнали од цивилизации кои населуваат планети далеку постари од Земјата. Нашата неспособност да замислиме како би можела да изгледа таква планета може да значи дека пропуштаме било какви знаци од нејзиното постоење.

„Со оглед дека технолошкиот развој на нашата цивилизација почнам пред само околу 10.000 години, а подемот на научните методологии го видовме само во последните 500 години, можеме да сумираме дека имаме вистински проблем во тоа да предвидиме/замислиме како би изгледала технолошката еволуција дури и во наредните 1.000 години, а камоли во период од 6 милиони пати подолг од тоа“, аргументира Коломбано.

Тој предупредува и дека брзите радио „изливи“ (Fast radio burst, ака. FRB) – високо-енергичен астрофизички феномен од непознато потекло кој се манифестира со краткотраен радио пулс кој трае во просек по само неколку милисекунди, кои ги анализираме во моментов, главно преку SETI, можат да се застарени. Повикува шпекулативната физика да биде заснована врз солидни теории, но со извесна волја на научниците да земаат во предвид и „растегнати“ можности околу природата на време-просторот и енергијата, како и да не го отфрлаат НЛО феноменот како безначаен за истражување. „Не секоја НЛО глетка може да биде објаснета или побиена“, додава Коломбано.

 

- Реклама -