Како и многу други кои преферираат нешто да сработат, и Илон Маск не е љубител на работните состаноци, па смета дека треба да ги има што помалку.
Маск – првиот човек на Tesla, SpaceX, Neuralink и The Boring Company, вели дека научил како да го управува своето време, но и како најдобро да го искористи времето на своите вработени, сé со цел да бидат поефикасни.
Тој ги советува своите вработени слободно да ги напуштат работните состаноци во случаите кога ќе проценат дека нивното присуство не е неопходно за понатамошниот тек на дискусијата. Вели дека сака тие да се свесни за вредноста на своето време и да не го трошат на „состаночење“, посебно ако имаат да завршат други важни задачи. Во прилог на тоа оди и мејлот што Маск им го пратил на вработените:
„Не е непристојно да напуштите состанок, непристојно е да се тераат луѓето да го губат своето време на состаноци“.
Ваквиот рецепт на Маск го поддржаа многумина, но подготвени да го применуваат се главно оние кои поседуваат свои компании.
„Во случај да работите за други, подобро да не се обидувате да ги импресионирате своите надредени со оваа генијална идеја. Тоа сигурно нема да ви го простат, макар и да се повикате на Илон Маск“, советуваат дел од нив.
… Што пак, фрла светло на главниот проблем: Директорите се тие што треба да размислуваат како Маск, а дури потоа вработените.