Илир Мета: Имплементацијата на Охридскиот договор нѐ приближува до ЕУ

Албанскиот претседател Илир Мета во објава на Фејсбук даде своја оценка за Охридскиот рамковен договор.

„Имплементацијата на Охридскиот договор нѐ приближува до ЕУ, а Албанците се гаранција за евроатланската интеграција на Северна Македонија“, пишува Мета во објавата.

Оценува дека е постигнат значаен напредок во почитувањето на договорот, но ја охрабрува неопходноста од негова целосна имплементација.

„На 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор, ценејќи го значајниот напредок досега постигнат во неговото почитување, ја охрабрувам неопходноста од целосна имплементација и интегрално заживување, како одлична можност за понатамошна консолидација на мирот и меѓуетничката хармонија, за зајакнување на односите, како и зближување едни со други и Европската унија“, пишува Мета.

Додава дека Албанците во Северна Македонија, во овие две децении, не биле посветени само на стабилноста на земјата, туку биле и гарант за нејзината евроатлантска интеграција.

Посочува дека почитувањето на сите нивни слободи и права, според најнапредните европски стандарди, е од суштинско значење и поттикнува поголемо и подобро учество на Албанците во општествениот, административниот и политичкиот живот на Северна Македонија.

„Братски и горди поздрави до нашите сонародници, за нивната активна, конструктивна и незаменлива улога и посветеност кон суверенитетот и евроатлантската интеграција на Северна Македонија“, напиша Мета на Фејсбук.

МИА

- Реклама -