Вчера низ медиумите одекна веста за прислушуваните разговори објавени на руската друштвена мрежа „ВКонтакте“ од анонимен корисник под псевдоним „Илија Громовник“. Во снимките учествуваат и се споменуваат Фрчкоски, Црвенковски, Спасовски, Јанкуловска, Алберт Муслиу и други.
Но, под радарот на јавноста прелетаа уште две други аудио снимки објавени од истиот анонимен корисник, два дена порано, на YouTube. Насловени се „Стојменов и Јово Превара“ и „Комитети“. Главни актери во првата се Емил Стојменов и Мартин Протуѓер, а зборуваат за Горан Трајковски, поранешен директор на УЈП, и Јово Вангеловски – кој сѐ уште е претседател на Врховен суд. Во „Комитети“ се зборува за тоа дека некој од редовите на ВМРО-ДПМНЕ давал насоки до сите штабови и општински комитети да не излегуваат членовите на ВМРО-ДПМНЕ на протест пред Собрание.
Дел од македонските медиуми потсетуваат дека и претходно анонимни лица објавувале одредени прислушувани разговори од оние кои ги поседува СЈО (од СЈО допрва ќе проверуваат дали ги имаат овие последниве), како и дека јавна тајна било дека дел од снимките можеле да се најдат и купат и на „Бит-пазар“.
Овие од „Илија Громовник“, пак, пишува порталот „АКО.мк“, биле меѓу разговорите што на разглас биле пуштани на 4 април годинава на собир на отворено во Прилеп, од страна на Љупчо Палевски и уште две други лица. Повеќе детали на линкот до „АКО.мк“.