Илиевски: Мораме подобро против Нов Зеланд

Плејмејкерот на македонската репрезентација, Владо Илиевски, во пресрет на предолимпискиот турнир во Венецуела најавуваше дека „црвено-жолтите“ се подготвени да го изненадат секој ривал…

Веќе на првиот натпреварувачки ден се случи сосема спротивното, Македонија беше селекцијата што беше шокирана од страна на Ангола, па сега нашите кошаркари не смеат да си дозволат нов кикс против Нов Зеланд, бидејќи тоа би значело предвремено пакување на куферите и тотално фијаско на ова натпреварување.

„Го искористивме правото на грешка веќе во првиот меч, јасно ни е дека сега мораме да влеземе во победничка серија. Не одигравме онака како што знаеме против Ангола и плативме поради тоа, мислам дека се соочуваме со мал проблем бидејќи повеќе не сме аутсајдери и сите максимално фокусирано влегуваат во средбите со нас. Мораме да играме подобро на следните средби, почнувајќи од пресметката со Нов Зеланд“ изјави Владо Илиевски.

Искусниот организатор на играта на македонскиот национален тим призна дека тој и неговите соиграчи биле изненадени од агресивната одбрана на Анголците, како и од нивната доминација во битката под обрачите.

„Сите африкански кошаркари беа одлично физички подготвени. Начинот на кој што играа одбрана и на којшто скокаа под обрачите е само уште една потврда дека на секој континент ширум светот се игра квалитетна кошарка и ниту еден ривал не смее да биде потценет. Овој пораз е разочарувачки, но не е крај на светот бидејќи сме свесни дека со добра игра и со триумф над Нов Зеланд би направиле голем чекор напред на патот кон четвртфиналето. Ако играме како што знаеме, способни сме да дотуркаме далеку на овој предолимписки турнир. За жал, против Ангола не бевме на потребното ниво“ признава Владо Илиевски.

- Реклама -