ИКОМОС Македонија ја стави во употреба базата на податоци која содржи информации за културните добра

Во текот на 2022 и 2023 година стручните тимови на ИКОМОС Македонија извршија мониторинг на актуелната состојба на зачуваност на повеќе од половината од вкупниот број на регистрирани и евидентирани цркви и манастири во сите осум епархии на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), што се наоѓаат на територијата на Р.С. Македонија. Со проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ се опфатија вкупно 707 православни сакрални градби, меѓу кои и оние кои се веќе добро познати на потесната и пошироката јавност, но и такви кои се помалку познати.

Проектот го реализираа искусни, но и млади професионалци во подем кои работат во областа на заштитата на културното наследство, сите членови на ИКОМОС Македонија. Непосредниот увид и прибирањето на податоците за состојбата на зачуваност на градбите го извршија пет теренски тимови, додека други професионалци од различни профили се задолжени за целокупната техничка поддршка, обработката на податоците и на фото-документацијата, како и за креирање и дизајн на самата база.

Сите податоци за состојбата на ова наше исклучително значајно културно наследство, како и препораките за потребата од идни превентивни заштитни мерки врз нив, се внесени во посебно креирани унифицирани обрасци, кои послужија како основа за изработка на специјализирана виртуелна база на податоци.

Базата на податоци е веќе достапна онлајн и е отворена за целокупната јавност. Таа има информативно-едукативен карактер и содржи информации за културните добра, како: основни податоци за црквата/манастирот, опис, состојба во која се наоѓаат архитектурата и живописот, претходни интервенции, зачуваност на изворната состојба – автентичност и интегритет, како и препораки и насоки за евентуалните идни заштитни и превентивни интервенции. 

Пребарувањето низ веб-сајтот со базата на податоци е едноставно и до бараните информациии може да се пристапи на неколку различни начини преку копчињата на лентата за навигација.

Покрај отворениот пристап до податоци со информативен карактер наменет за пошироката јавност, оваа база на податоци особено треба да им користи на сите засегнати страни поврзани со овој вид на културно наследство како појдовна точка при носењето одлуки за идни конзерваторски и реставраторски постапки.

Ги покануваме сите заинтересирани за православното културно наследство на Македонија да го посетат веб-сајтот на проектот „Мониторинг на православното културно наследство“, каде можат да добијат повеќе информации за самиот проект и да се запознаат со состојбата на 707 цркви и манастири од нашата земја. За најдобро искуство при пребарувањето низ базата на податоци се препорачува користење на десктоп верзија.

Проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ се спроведува во соработка со МПЦ-ОА и во целост е финансиски поддржан од Центарот за културно наследство на Стејт Департментот на САД, како дел од неговата Иницијатива за документирање на наследството на заедниците.

Извор: 24info.mk

- Реклама -