Деновиве, малку невообичаено за овој период од годината, се јавија значителни снежни врнежи во повисоките, но и и во пониските делови на Македонија (под 500 метри н.в.). Така, на 21-22 март во Скопје наврнаа околу 10 cm снег, а снежни врнежи има и денес.
Според метеоролошките податоци од 1951 година наваму (откако има попрецизни податоци за снежната покривка), денешните и вчерашните врнежи се најдоцните забележани зимско-пролетни снежни врнежи, проследени со создавање на снежна покривка во градот Скопје. Во целиот речиси 70-годишен претходен период, во Скопје само во две години се случило да има снежна покривка на 23 Март (а најдоцна до 24 март), и тоа во 1962 година и во 1986 година. Сепак, таа снежна покривка била како последица на нестопениот снег од снежни врнежи кои се јавиле неколку дена порано, помеѓу 15-20 март. Доколку овогодинешната мартовска снежна покривка се задржи до утре (24.03), или евентуално до недела (25.03), тоа воедно ќе биде и апсолутен рекорд за доцна зимска (поточно зимско-пролетна) снежна покривка во градот Скопје (а и во неколку други градови под 300 m надморска височина).
Наспроти снегот со незначителна дебелина (5-10 cm) во пониските градови, во планинските делови над 1500 метри, истиот достигнува дебелина над 0,5 m. Според сателитските податоци од MODIS за 22.03.2018 година, во Македонија снегот има акумулирано околу 1-1,5 милијарди метри кубни водена маса. Со затоплувањето во следните денови (што секако е очекувано за крајот на март и почетокот на април), ќе дојде до позначително топење на снегот, при што големо количество на вода ќе се слева кон блиските водотеци. Наведеното, заедно со прогнозираните врнежи од дожд, ќе предизвика поизразени речни поплави, а поради презаситеноста со вода ќе има и бројни свлечишта, одрони покрај патиштата, лавини и сл. Затоа во наредните 10-15 дена, треба да се очекува зголемена опасност од наведените непогоди, што треба да го имаат во предвид надлежните институции. За опасноста од доцни снежни врнежи, веќе предупредивме во една од претходните статии на ИГЕО порталот.
Текстот е преземен од ИГЕО Порталот – првиот географски портал во Македонија