ИДФ: Телата на шестмина заложници пронајдени во тунел и извлечени од Газа

Телата на шест заложници се извлечени од Појасот Газа, соопшти денеска израелската војска, додавајќи дека тие биле убиени непосредно пред израелските сили да стигнат до нив

Шест тела се пронајдени во подземен тунел во областа Рафах во јужниот дел на Појасот Газа и пренесени во Израел, објави израелската армија.

„Телата на Кармел Гет, Еден Јерушалми, Херш Голдберг-Полин, Александар Лобанов, Алмог Саруси и Ори Данино се донесени во Израел“,

се вели во соопштението на израелската армија.

Во соопштението се додава дека сите шест лица биле киднапирани за време на терористичкиот напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври минатата година.

Според воениот портпарол Даниел Хагари, тие биле убиени од киднаперите непосредно пред да бидат пронајдени нивните тела.

„Според нашата првична проценка, тие беа брутално убиени од терористите на Хамас кратко време пред да стигнеме до нив“,

вели Хагари.

Израелските безбедносни сили велат дека ги користат сите средства за што побрзо да ги вратат дома сите заложници.

Меѓу жртвите, се додава во објавата, е и еден млад човек кој спасувал луѓе за време на масакрот на Хамас.

За смртта на едниот од заложниците, Голдберг-Полин, за кој се вели дека е и американски државјанин, се огласи и претседателот на САД Џо Бајден.

Во изјавата Бајден вели дека е „уништен и огорчен“ од веста.

Бајден во изјавата рече дека Херш „е меѓу невините брутално нападнати додека присуствуваа на музичкиот фестивал за мир во Израел на 7 октомври“.

„Тој ја загуби раката помагајќи им на пријателите и странците за време на дивјачкиот масакр од страна на Хамас. Тој штотуку наполни 23 години. Планирал да патува низ светот. Ги запознав неговите родители, Џон и Рејчел. Тие се храбри, мудри и непоколебливи, иако го издржаа незамисливото“,

вели Бајден.

Според Министерството за здравство управувано од Хамас, од почетокот на нападот на 7 октомври минатата година, досега во Газа се убиени повеќе од 40 530 луѓе.   

- Реклама -