Идентификувани се сите патници кои патувале со 50-годишната жена која е прв случај на заболена од коронавирусот во Македонија, а станува збор за девет луѓе кои патувале во комбе, односно осум патници и возач и се идентификувани на две места во Скопје, заедно со роднините на пациентката кои ја пречекале и три места во Струмица, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата.
Во овој момент веќе се упатени екипи на епидемиолози, заедно со претставници на Министерството за внатрешни работи, да се направи соодветната анкета по однапред утврден прашалник којшто е во регуларниот пристап кај епидемиолозите за дознавање на податоци со кои се лица овие патници комуницирале денеска во текот на денот“, рече Филипче.
Тој додаде дека врз основа на тие податоци тие сите вечерва најпрво ќе останат во домашеа изолација под полициски надзор како што е предвидено во протоколите и дека врз основа на податоците со колку луѓе контактирале во текот на денот и колку членови на семејствата има во куќите, ќе се одреди дали ќе продолжи домашната изолација или во текот на утрешниот ден ќе бидат префрлени во претходно утврдените инфективни одделенија за надзор.
„Сакам да упатам уште еден апел до јавноста дека нема простор за паника, имало и порано епидемии и сега има епидемиски грип и нема потреба од снабдувања и дополнителни залихи“, рече Филипче.
Тој исто така рече дека заболената пациентка е добра, сместена е во одделот интензивна нега и изолација на Инфективната клиника, има лесна форма на коронавирусот, зафатено е само едно бело делодробно крило.
Претходно денеска министерот Филипче соопшти дека во Скопје е потврден првиот случај на коронавирус. Тој изјави дека се работи за жена родена 1970 година која била во Италија еден месец. Таму, како што рече, била болна две недели и иницијално била третирана во италијанска болница каде не и бил направен тест за коронавирус. Од кога стигнала во Скопје веднаш се пријавила на клиниката во Скопје. Сега, рече Филипче, е сместена во одделот за изолација на Инфективната клиника. „Нема простор за паника, пацентката е сместена на инфективната клиника во Скопје, во одделот за изолација, се третира соодветно за нејзината состојба, рече Филипче.
На новинарско прашање, како жената успеала да помине на граничниот премин Табановце и дали кога биле правени прашалниците кажала дека претходно била болна подолго време во Италија, тој одговори дека „очигледно“ дека жената не одговорила и дека тоа го потврдиле претставници на граничната полиција.
„Очигледно дека патничката, пациентката не кажала вистински податок, инаку би било интервенирано на самиот грничен премин“, рече Филипче.
Тој уште еднаш упати апел патниците и граѓаните да постапуваат совесно и да ги кажуваат вистинските информации на прашањата кои им се поставуваат.