Идејата за ново уредување на уставниот поредок ќе се дискутира на централното претседателство на АА, вели Села

Ние наоѓаме начини и за нив треба да го информираме членството и ангажираме експерти за да се заштити она што е свето, гласот на секој граѓанин без разлика на неговата, етничка или политичката припадност, вели Села

Нема гаранција дека на некои следни нови избори, за коалициски партнер во власта наместо да се избере организирана политичка албанска партија, ќе се коалицира со поединци, вели лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, критикувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека дека си зел за право да формира власт со, како што рече, губитници од албанскиот блок.

Изјавата на Села е пред почетокот на централното претседателство кое се одржува во Гостивар, а како што пренесе МИА, тема на состанокот ќе биде идејата на „Европскиот фронт“ за ново уредување на уставниот поредок на државата.

„Ние наоѓаме начини и за нив треба да го информираме членството и ангажираме експерти за да се заштити она што е свето, гласот на секој граѓанин без разлика на неговата, етничка или политичката припадност,“

изјавил Села.

Зијадин Села, Алијанса за Албанците
Фото: МИА

Според него, дебатата за новото уредување на уставниот поредок ја отворил актуелниот премиер Христијан Мицкоски, кога, како што рече, се повикал на легитимитетот кај Македонците за време на последните избори.

„Албанците се една третина од вкупното население во државата и заедно со другите етнички заедници, тие се околу половина. Оваа тема ја отвори Христијан Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ. Ние само даваме одговор на ваквите теми кои се отворени. И нормално дека планираме ваквите теми да разгледуваме и да имаме наша понуда со која уставниот поредок на Северна Македонија ќе биде регулиран според демографската реалност“,

вели Села.

Според најавите, освен за политичката состојба, на централното претседателство ќе се разговара и реструктурирање на партијата. 

Идејата за озаконување на принципот за коалицирање победник со победник ја отвори ДУИ пред десетина дена кога усвои неколку резолуции поврзани со почитување на Охридскиот договор, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија. Инфомрацијата дека „Европскиот фронт“ ќе го ангажира Пол Вилијамс, еден од авторите на Охридскиот рамковен договор, во подготовка на платформа за меѓуетнички легитимитет на централните и локалните институции врз основа на изборните резултати, денес ја потврди и лидерот на ДУИ Али Ахмети на средба со норвешката амбасадорка.

„Во спротивно, причината за учество во изборните процеси на заедниците кај нас се губи доколку нивните претставници се определуваат со диктат од поголемата заедница, како во времето на едноумието“,

соопштија од ДУИ.

Иницијативите на ДУИ ги отфрлија партиите од власта. За ВМРО-ДПМНЕ идејата е неприфатлива, а од коалицијата „Вреди“ порачаа дека предлозите се несериозни и неспроведливи.

Ми изгледаат доста несериозни, ДУИ 22 години беа на власт и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, и можеа сите овие идеи да ги спроведат додека беа на власт. Сега во опозиција што ќе им текне, кажуваат, но мислам дека не се сериозни, тоа е само за политички поени. Ние политичарите и во позиција и во опозиција кога зборуваме нешто треба да имаме поширок консензус. Сум кажал, за сè можеме да разговараме, меѓутоа 22 години ништо не си кажал и сега од опозиција за два месеци имаш големи идеи кои се, искрено, тешко спроведливи“,

порача Таравари.

- Реклама -