Трн: „Не кажувам“ насловот на твојот нов роман е доста метафоричен и длабок. Многу работи се премолчуваат, меѓутоа дали ти си таков лик кој што кажува или не кажува, во врска, љубовна, пријателска, професионална?
Петар: Иако од мали не учат дека ,,молчењето е злато”, јас на масата на тишината секогаш сум избирал да бидам гласен. Разговорот е темел на секој однос без разлика дали се работи за љубовта, пријателството, професионалниот однос… Многу пати луѓето го одбираат молкот од страв да не ги изгубат луѓето што ги сакаат, но дали секогаш премолчувањетото е вистиниското решение?! Тоа е едно од прашањата кои се провлекуваат низ целиот роман. Молкот е лавиринт од кој никој не излегол.
Трн: Како ти се профилирани ликовите од книгата, дали може да се пронајдат овдешни ликови во тие приказни,со оглед на тоа што се работи за различни структури на семејства?
Петар: Во ,,Не кажувам” има повеќе семејства, а сите тие сочинуваат едно семејство. Без разлика дали станува збор за семејство од татко и мајка, или семејство со двајца татковци или две мајки, не постои совршено семејство. Родителите секогаш мислат дека знаат што е најдоброто за нивното дете, а нема поголем непријател на децата од родители кои во името на ,,љубовта” и ,,заштитата” си ги задушуваат сопствените деца. ,,Не кажувам” е можеби мојот ,,најмакедонски” роман и многу лесно може секој од нас да се препознае. А различните структури на семејства се нашата реалност, му се допаѓало тоа некому или не.
Трн: Го разработуваш и проблемот со децата и дали е во ред како возрасен човек да не сакаш да имаш деца. Верувам дека тоа прашање си го поставуваат многумина, и жени и мажи, како размилсуваш ти по ова прашање?
Петар: Во Македонија може да сте најуспешни во тоа што го работите, но ако немате деца општеството веднаш ве исклучува и со тоа сите ваши успеси ги сведуваат на ,,што ќе му е успехот кога утре ќе нема кој да му даде чаша вода”. Не, децата не се најважната работа на светот. И не секој сака да се оствари како родител. Тоа што не сакам да имам дете не ме прави помалку вреден како писател, како син, како брат, како вујко, како пријател. И можеби ова беше и една од најголемите причини да го напишам ,,Не кажувам”.
Трн: Твојата област на пишување се теми од квир заедницата и можам слободно да кажам дека си меѓу пионерите и ретките кај нас кој се осмелуваат да пишуваат на оваа тема. Како си прифатен од нашата книжевна сцена, медиумите, а како надвор? Ако може една паралела да направиш.
Петар: Во моите романи претежно ликови се или жени или квир, не затоа што тоа го бара книжевната индустрија како што мислат многумина (не е тоа никаков рецепт за успех!) туку затоа што тие теми се потребни во нашата култура. Македонскиот писател/читател е длабок заспан под јамболијата на традицијата и редно време е да се разбуди од тој сон, да ја тргне од себе јамболијата на комфорот и да зачекори во ладната соба на реалноста.
Квир темите не се ништо ново во светот, но не се ништо ново и кај нас. Квир ликови имало и кај Блаже Миневски во ,,Приказна за третиот”, и кај Лилјана Ефтимова во ,,Еднаш еден летач”, кај Ирен Цветковиќ во првата квир збирка раскази ,,Оргазмични писма”. Јас само се надоврзав на една традиција (еве ја повторно традицијата J). Моите теми воопшто не ги доживувам како ,,храбри” или ,,контраверзни”, туку ги доживувам како важни и неопходни да се пишува и зборува за нив.
Пред три години го објавив ,,Лето во кое те нема” и беше одлично прифатен, за само еден месец беше распродадено првото издание. Наредната година ќе излезезат два преводи на романот, на англиски и на словенечки, и не очекува ниту некаков посебен третман заради тоа, ниту дека некој ќе биде скандализиран. Книжевноста е огледало на животот и затоа писателот има обврска да ја зборува вистината.
Трн: Полица беше мета на хомофобични напади кога промовираше книги на попуст поврзани со квир. Како ти реагираше на тоа, со оглед на тоа што си дел од Полица и нападите почнаа непосредно по твоето преминување во Полица?
Петар: Нападите беа за романот ,,Крајот на Еди” од францускиот писател Едуар Луј кој кај нас е објавен 2016 г. Тие што ја организираа таа хајка против Полица, во 2016 г., кога книгата била објавена тие во тоа време најверојатно се занимаваа со 5 г мрежата и не убедуваа дека ќе не чипираат, па потоа во 2020 г., не убедуваа дека корона вирусот не постои, за во 2023 г., да дознаат дека постои нешто што се вика ,,родов идентитет” и да повикуваат на бојкот и палење на книга објавена пред седум години.
Трн: Зошто го смени издавачот?
Петар: Во Или – Или објавив три романи, сите три беа наградени и имаа голем успех. Со нив имав многу убава соработка. Ненад Стевовиќ од Или – Или е мојот вечен уредник, дури и новиот роман кој излезе во Полица го читаше во ракопис и со неговите забелешки придонесе многу за романот. Кога зборувам за Или – Или не сакам да зборувам во минато време и за разделба. Во Полица работам веќе пет години и некако природно ми беше да го објавам новиот роман во издавачката куќа за која работам. Во Полица се чувствувам како дома и како вработен и како автор.
Трн: Може ли да се живее од оваа професија кај нас ?
Петар: Само од пишување не може да се живее. Но подостоинствен и поквалитетен живот може да имате ако сте успехен автор.
Трн: Веруваш ли дека ново раководство на ДПМ ќе донесе некои значителни промени на ова поле, ќе ја направи ли достојна професија од која можеш да живееш?
Петар: Кога јавно им дадов поддршка на Блаже Миневски за претседател на Друштвото на писателите на Македонија и на Иван Антоновски за претседател на собранието, тоа го направив зашто верувам во овие двајаца кандидати, во нивните програми, и во нивната посветеност и способност да го реализираат тоа што го ветија во програмите. А нивните програми се во насока професијата писател да биде достојна и почитувана.
Фотографии: Наташа Атанасова