И германската ЦДУ со опомена до Силјановска-Давкова и сестринската ВМРО-ДПМНЕ: Повторно разгорување на спорот со името е опасно

Ништо поразлични не се и реакциите кај германски парламентарци од владејачкото мнозинство, кои исто така сметаат дека новата претседателка на Северна Македонија направила опасен преседан

Директни осуди на одлуката на новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова да не го употреби уставното име при давањето заклетва во Собранието дојдоа и од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ во Германија, пренесува „Дојче вече“.

Пратеникот на опозициските демохристијани во Бундестагот, Јирген Харт, кој е и член на комитетот за надворешни работи на германскиот парламент вели дека Брисел и мора да им испрати јасна порака на новоизбраната претседателка Силјановска-Давкова и на ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат беше таа на изборите, дека таквата политика нема да се толерира.

Пратеникот од ЦДУ во Бундестагот, Јирген Харт / Фото: Википедија

„Повторното разгорување на спорот за името на Северна Македонија е целосно непотребно и опасно. Новата претседателка на Северна Македонија, Силјановска Давкова на својата функција е исто толку обврзана да го почитува компромисот меѓу Северна Македонија и Грција, колку што беше и нејзиниот претходник“,

вели Харт.

Тој, додава дека ЕУ мора да им испрати јасен сигнал на претседателката, како и на победничката партија на изборите, ВМРО-ДПМНЕ, дека патот на Северна Македонија кон благосостојба и слобода, како и во ЕУ, води исклучиво преку почитување на постигнатиот компромис со Грција.

Ништо поразлични не се и реакциите кај германски парламентарци од владејачкото мнозинство, кои исто така сметаат дека новата претседателка на Северна Македонија направила опасен преседан.

Според пратеникот на Либералите (ФДП) задолжен за европски прашања, Томас Хакер, потегот на Силјановска-Давкова е „несреќен и за жалење“. Пратеникот додава дека, во тој контекст, има разбирање за одлуката на грчката амбасадорка во С Македонија, Софија Филипиду да ја напушти инаугуративната седница.

„Европскиот пат на Северна Македонија и пред изјавите на новата претседателка беше доволно тежок. И вистина е дека и ЕУ сноси дел од вината за бавниот пат на земјата кон ЕУ.

Но, доколку и новата влада им се приклучи на провокациите на претседателката, таквите изјави ќе бидат во спротивност со Преспанскиот договор. И тоа ќе биде големо назадување на патот кон ЕУ“,

вели Хакер.

Томас Хакер / Фото: Архива

Инаку, германското Министерствот за надворешни работи уште вечра порача дека мора да се почитува Преспанскиот договор. Владата во Берлин, според германското МНР, сака да ја продолжи соработката со новата влада во Скопје, и смета дека е важно земјата да го продолжи патот кон ЕУ и да ги спроведе неопходните реформи на тој пат.

„Северна Македонија може да се потпре на Германија на тој пат… Што се однесува до користењето на името, постои меѓународен договор, Преспанскиот договор со Грција, на кој Северна Македонија е обврзана “,

изјави вчера портпаролот на германското МНР, Кристијан Вагнер.

По многубројните реакции, кабинетот на Силјановска-Давкова вчера соопшти дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека има право да користи Македонија во јавни настапи како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела.

„Претседателката Гордана Силјановска-Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име“,

беше посочено во писмениот став на кабинетот на новоизбраната претседателка.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во интервју за „360 степени“ емитувано  вчера вечер (13.05.2024 г.) на МРТ 1 рече дека немаат дилеми како партија и како општество оти „имаме еден пат – кон НАТО и ЕУ“, но нема да до променат тоа што го зборувале и претходно во врска со употребата на Република Македонија и терминот „северна“.

Според него, новата претседателка на државата Гордана Силјановска-Давкова не го прекршила Уставот со неупотребата на уставното име на државата при положувањето заклетва во Собранието. Мисајловски додава дека пратениците, министрите од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалниците и новата претседателка Силјановска-Давкова ќе го користат терминот „северна“ само тогаш кога законот налага.

На прашањето што ако тоа значи ново вето од Грција, Мисајловски рече оти не мисли дека би имало ново вето поради ова.

„Баш намерно спомнувам дека и грчките политичари го употребуваат терминот Македонија. Многу пати кога имаат јавни настани, ако ги забележите, постојано велат Македонија и одговорот треба од нив да стигне. Но, никој во нашата земја не може да ни забрани името Македонија да го користиме. Јас во Собрание ова постојано го користам, претседател сум на Комисијата за транспорт, секој ден работам согласно закон“,

рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -