Дека растенијата поседуваат рудиментирана интелигенција не е некаква новост, но како што пишува Business Insider, истражувањето на Универзитетот во Мисури покажува дека билките можат да почуствуваат кога некој (инсект) ги јаде т.е. кога некој ги кине, уништува, убива. Во таквите ситуации, тие активираат разни одбранбени механизми.
Истражувањето е спроведено врз вид на arabidopsis thaliana – близок сродник на брокулите и кељот. Популарноста на таа билка кај научниците се должи на тоа што е целосно секвенциран нејзиниот ген, одлично е истражена, и научниците многу добро знаат како целата билка функционира.
Истражувачите внимателно ги снимале вибрациите кои настануваат кога некој инсект, во случајов гасеница, ги јаде листовите, и поставиле хипотеза дека растенијата на некој начин ги слушаат (буквално) и чувствуваат вибрациите. Резултатите биле потврдни.
Забележано е дека растенијата произведуваат благо токсични масла и потоа ги транспортираат низ листовите, во надеж дека така ќе ги избркаат штетниците. Исто така, се покажува и дека растенијата што веќе лачат токсини, ја зголемуваат дозата што ја доставуваат во листот кога ќе почувствуваат вибрации.
Доказ дека растенијата слушаат било што за зголемување на количините на токсини било доволно научниците да пуштат снимка од гасеница што јаде листови.
За добар дел од тоа како се одвива борбата меѓу растенијата и надворешните закани, пишувавме и порано, во „Тивката војна на растенијата“. Прочитајте и ќе се уверите дека всушност растенијата се многу „посвесни“ отколку што мислиме.