Хуманост од мали нозе-Детска забава во Гостивар во спомен на д-р Трајче Нешковски

Најмалите гостиварци денес се забавуваа, пееја и играа на хуманитарната забава на градскиот плоштад, организирана во рамки на активностите во чест на д-р Трајче Нешковски, кој прерано го загуби животот во трагична сообраќајна несреќа.

Хуманитарното здружение што го носи неговото име, традиционално секој година во Гостивар организира активности преку кои се праќа порака за хуманост, солидарност, сплотување-вредности кои д-р Трајче беспоштедно ги негуваше. Годинешните настани започнаа вчеравечер со музичка вечер, а продолжија денес со детската забава и крводарителна акција.
„За прв пат ги вклучуваме децата во нашите активности затоа што сметаме дека кај децата уште од најмала возраст треба да се всадат хуманите вредности со цел во текот на нивниот живот да бидат добри луѓе, да сакаат да помагаат, да бидат солидарни и емпатични кон сите околу нив.“, нагласи Ема Нешковска, претставник на Здружението и сопруга на д-р Трајче.

Средствата кои ќе се соберат од активностите ќе бидат наменети во различни хуманитарни цели, за добробит на заедницата и ранливи групи.
„Утре во 12 часот свечено ќе биде промовиран муралот на д-р Трајче кој е насликан на фасада на зграда во Малеарди. Местото го избравме симболично затоа што д-р Трајче цел животен век го има поминато во населба Малеарди, маало каде живеел и растел. Таму постоеше и детско игралиште кое беше руинирано и нефункционално, меѓутоа ние како здружение одлучивме целосно да го реновираме и ќе донираме детски реквизити и играчки, сето тоа да изгледа убаво и практично и за децата, да имаат катче плус, место да се дружат и да играат.“, рече Нешковска.

Утре, исто така ќе се одржи и меморијален турнир во мал фудбал на игралиштето во Малеарди, за чие реновирање ќе бидат издвоени средства од активностите.

Извор