Интeрнационалната верзија на одличниот смартфон HTC One добива огромна софтверска надградба која во пакетот ја вклучува новата верзија на оперативниот систем Android 4.3 Jelly Bean заедно со изменетиот и подобрен кориснички интерфејс HTC Sense 5.5.
Во корисничкиот интерфејс HTC Sense 5.5 се содржани бројни измени кои за прв пат се појавија кај новиот хибриден смартфон HTC One Max. Од нив се издвојуваат неколку опции како неограничена употреба на алатката Video Highlights за додавање ефекти на видеата на кои сега ќе може да додадете и саундтрак односно музика во позадина.
Втората голема промена се однесува на социјалниот агрегатор Blink Feed на кој се содржани најновите информации од социјалните мрежи кои ги користите како Facebook и Twitter. Сега се додадени и Instagram и Google +,а може да обезбедите и до 120 статии кои може да ги прочитате подоцна без потреба од интернет конекција. Доколку пак не сакате да ви стои агрегаторот Blink Feed може да го исклучите од почетниот екран.
Останатите подобрување се во делот на визуелниот интерфејс кој е многу подобрен, а вклучени се и многу додатоци за поефикасен мултитаскинг. На овој начин HTC One станува уште поатрактивен за користење. Доколку сте заинтересирани за надградбата може да ја побарате во самиот смартфон во делот на пребарување на нов софтвер и да ја инсталирате без никаков проблем.
Текстот е објавен во соработка со telefoni.com.mk