Македонската фудбалска репрезентација со пораз од Хрватска на „Максимир“ (1:0) ги стартуваше квалификациите за Светското првенство во Бразил во 2014 година.
Нашите репрезентативци предводени од новиот селектор Чедомир Јаневски беа блиску до реми на овој натпревар, играа одлично во првото полувреме, но повторно се појави старата болка, пад на играта во вториот дел, што Хрватска го искористи преку својот „џокер“ Никица Јелавиќ во 69.минута од средбата.
Јаневски се реши да истрча со Ристиќ како најистурен во нападот, со Пандев како централна фигура при организацијата на нападите, кој се придодаваше од позадина. На бочните позиции во средниот ред беа Тричковски и Ибраими, а дефанзивниот дел од маневарот го контролираа Глигоров и Демири. На голот шанса доби Богатинов, а пред него централни дефанзивци Шиков и Новески, од лево Попов, десно – Георгиевски.
Веќе во првата минута Едуардо се закани и го погоди дирекот од голот на Македонија, но тоа не беше најава за фуриозен старт на Хрватите. Нашите фудбалери ја стабилизираа играта, по што Пандев, Тричковски и Ибраими упатија удари кон голот на Плетикоса.
Во 20.минута, старт над Пандев во шестнаесетникот на Хрватска, Плетикоса го зграпчи за нозете, но не беше досуден пенал за нас. Ниту тоа не ја извади од колосек Македонија. Во 32.минута, по еден корнер од десната страна, Ванче Шиков скокна највисоко, упати удар со глава во спротивниот агол, а Дарио Срна на гол – линијата спречи водство на нашата репрезентација. Во 42.минута, фантастичен удар на капитенот Горан Пандев, кој упати бомба од 25 метри со својата левица, но ја погоди гредата од голот на Хрватска.
Првото полувреме заврши, а Македонија беше репрезентацијата што жалеше што не води на „Максимир“. Во вториот дел, Хрватите тргнаа многу пофуриозно, Игор Штимац во игра го внесе Нико Крањчар, кој го раздвижи средниот ред на „Коцаестите“, а потоа го направи и клучниот потег, како втора замена го уфрли Никица Јелавиќ.
Тој само по шест минути на теренот, го направи потегот на натпреварот и ја затресе мрежата на Богатинов во 69.минута од мечот. Модриќ одлично го пронајде Манџукиќ зад одбраната на Македонија, тој со глава ја врати во средината, а таму Јелавиќ со мајсторски удар со глава го пронајде патот до мрежата.
{youtube}m9ZTuI39SBc{/youtube}
Повторно Македонија падна во последниот дел од натпреварот, тоа Чедомир Јаневски не успеа да го исправи во своето деби на клупата. Се обиде потоа да го крене тимот со замени, во игра ги внесе Ѓорѓиев, Мирко Ивановски и Тасевски, но Хрватите се премногу искусни за да дозволат противникот да им се врати во игра по нивно водство.
Македонија го доживеа првиот пораз на стартот од новите квалификации за СП во Загреб, а сега вниманието се насочува кон Глазгов, каде „Црвено-жолтите“ ќе го играат вториот меч на гости против Шкотска.