Хрватска изгласа нова влада: Пленковиќ по трет пат стана премиер

Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето-плата од 1 600 евра, минимална бруто-плата од 1 250 евра, како и отворање 125 000 нови работни места

Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.

Претседателот и членовите на владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.

Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Новата влада наместо досегашните 16 министерства ќе има 18, а три ќе му припаднат на Татковинското движење, кое ги доби министерствата за земјоделство, за економија и новооснованото министерство за демографија.

Пленковиќ синоќа до Собранието го достави списокот на министри и програмата на новата влада, во која беше наведено дека приоритетите на новата влада се, како што посочи, успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска.

Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето-плата од 1 600 евра, минимална бруто-плата од 1 250 евра, како и отворање 125 000 нови работни места.

- Реклама -