Мозаици и христијанските фрески во истанбулската Света Софија – која пред четири дена турскиот претседател Ердоган ја прогласи за џамија и ја отвори за богослужба, поништувајќи го декретот на Кемал Ататурк од 1934 година со која стана музеј – за време на муслиманските молитви ќе бидат покривани со ласерски проекции, соопшти вчера портпаролот на турската владејачка партија – Омер Челик.
Надвор од времето на молитва, христијанските икони ќе бидат откриени и достапни за сите посетители, а влезниците ќе бидат бесплатни, рече тој.
Сѐ уште не е најјасно како ќе работат овие ласери. Претходно, турскиот весник Хуријет соопшти дека ќе бидат користени светлосни трикови. Портпаролот на Ердоган – Ибраим Калин, уверува дека религиската иконографија ќе биде зачувана и „недопрена“ и достапна за посетителите од сите вери. Сѐ друго, рече, е лага.
Во петокот, кога турскиот суд ја поништи одлуката на Ататурк да го конвертира древниот верски објект во музеј, Ердоган најави дека првите муслимански молитви ќе се одржат најдоцна за две недели.
Потегот на Ердоган да го промени статусот на Света Софија, односно Аја Софија – која е светско културно наследство заштитено од УНЕСКО, наиде на силни реакции ширум светот, меѓу кои и од Папата Франциск.
Челик, меѓутоа, на прес-конференција, одговори на изјавата на Франциск дека е повреден од одлуката. Како што рече турскиот претставник, најголемото непочитување на Света Софија во историјата се случило токму од страна на папството:
„Православните христијани и Света Софија стpaдаа со години за време на ‘Латинската инвазија’ предводена од папството во 13 век, кога Крстоносците ja пљачкосуваа катедралата“, рече тој.