Еден патник во прва класа во Бритиш Ервејс бил непријатно изненаден кога седнал на своето место, за кое патем платил доста солидна цифра.
„Гребаници, нечистотија, одвратност и се она што никако не очекувате да го добиете на патување за кое сте платиле 9.000 фунти“, вели поранешното ТВ лице на Би-Би-Си и Си-Ен-Ен – Овен Томас.
Тој бил толку ужаснат што го овековечил разочарувањето со камерата на својот телефон, а потоа го објавил видеото на YouTube. „Па, ова е прва класа. Ова е хорор“, вели Томас, кој летал заедно со својата сопруга. „По две години летање и собирање бодови, го заслуживме ова патување како мега награда. Ама никогаш повеќе“, напиша тој на Твитер.
Од Бритиш Ервејс изјавија дека го контактирале патникот за да му се извинат. „Многу ни е жал што во оваа прилика не ги исполнивме нашите вообичаено високи стандарди. Ќе преземеме итна акција за решавање на овој проблем“, се вели во официјалното соопштение на портпаролот на компанијата.