Една од првите работи што ќе ги забележите кога ќе го посетите Хонгконг, е планинскиот релјеф на градот. Второто ќе бидат ескалаторите кои се движат угоре по ридовите.
Во Хонгконг се наоѓа најголемиот ескалатор (поточно – ескалаторен систем) на отворено во светот, со должина од вкушно 800 метри. Иако доби низа критики поради неговата висока цена и неефикасноста, тој прерасна во една од знаменитостите на градот.
Како што тоа го прави Сан Франциско со кабинските лифтови, или Норвешка со првите лифтови за велосипеди во светот – Хонгконг со ескалаторите го решава (поточно, се обидува да го реши) како пешачкиот, така и сообраќајниот метеж.
Изграден во 1993 година, Central-Mid Levels Escalator има 18 ескалатори и три подвижни патеки. Ескалаторите се движат надолу по ридовите од полноќ до 10.30 часот, а потоа нагоре, до следниот полноќ.
Системот превезува илјадници работници до и од работа – 85.000 според последниот попис од 2010 година. Ескалаторите сечат 14 улици во делот од Conduit Road на запад до Queens Road на исток.
Изградбата на ескалаторниот систем во 1993 чинеше 30 милиони долари, што го надминуваше буџетот на градот со 153%. Со оглед на тоа дека не направи речиси ништо за намалување на сообраќајот, локалните жители проектот го нарекуваат “скап бел слон”.
Сепак, Central-Mid Levels Escalator го стимулираше локалниот развој. Квартот “Сохо”, на пример, стана популарна дестинација за ноќен живот за вработените кои секојдневно го користат за да одат и да се враќаат од работа. Кириите на становите долж ескалаторот, од друга страна, нагло се зголемија.
Љубовта на Хонгконг кон ескалаторите не престанува. Морскиот парк/аквариум – Ocean Park во Хонгконг направи свој сопствен систем. Долг е 225 метри, а од паркот тврдат дека тој е вториот најдолг ескалатор на отворено во светот.