Холивудски актер живее со 100 долари месечно и планира да го донира целото свое богатство

Кинеската холивудска и интернационална ѕвезда Чоу Јун-Фат (Chow Yun Fat), најпознат по улогата во „Crouching Tiger, Hidden Dragon“, соработките со режисерот Џон Ву („The Killer“ и „A Better Tomorrow“), и улогата на кинескиот пиратски лорд во третиот филм од „Пиратите од Карибите: На крајот на светот (2007)“, планира да го донира целото свое богатство од околу 714 милиони долари на разни хуманитарни здруженија.

Таквата намера ја потврдува и неговата сопруга, а такво ветување Чоу даде во интервју за хонгконгшкиот филмски вебсајт Jayne Stars. Во интервјуто, актерот вели:

„Парите не се мои, само моментално ги чувам на безбедно“, додавајќи дека неговиот сон отсекогаш бил „да биде среќна и нормална личност“.

Аргумент во прилог на неговата хуманост е тоа што веќе со години тој и неговата сопруга имаат своја хуманитарна фондација, а аргумент во прилог на неговата скромност е репутацијата по која е познат меѓу своите азиски фанови.

Имено, според споменатиот вебсајт, Чоу живее едноставен живот и троши по околу 102 долари месечно. Се движи низ Хонгконг користејќи јавен превоз, купува на попуст, и често носи стара и обична облека. Потврдено и од жена му, до скоро Чоу сé уште го користел истиот Nokia мобилен телефон од изминатите 17 години, а првпат купил смартфон кога бил приморан, бидејќи овој му се расипал.

Што се однесува до облеката, често пазари на распродажби. „Не носам облека за другите. Сé додека јас мислам дека е удобна, тогаш е доволно добра за мене“.

Чоу Јун-Фат во „Crouching Tiger, Hidden Dragon“

Иако е во шоубизнисот со декади, Чоу одбира да живее здраво џогирајќи и пешачејќи како и обичните луѓе. Кога го препознаваат на улица, тој е сосема учтив и без проблем позира со фановите пред камерите.

Во едно поранешно интервју, кога го опишуваше својот идеален живот, Чоу рече вака:

„За мене, најважно е да бидам среќна, нормална личност. Најтешкото нешто во животот не е тоа колку пари можеш да заработиш, туку да одржуваш мирна состојба на умот и да го живееш остатокот од животот во едноставен и безгрижен манир“.

Чоу и неговата сопруга, патем, немаат деца.

 

- Реклама -