На прв поглед е обично гратче (ако сакате и селце) во Холандија, ама веднаш потоа испливува нешто сосема фасцинантно. Дом е на околу 150 жители кои водат наједноставен начин на живот: јадат, спијат и пазарат. Разликата е што сите 150 жители се под внимателен надзор.
Не, не се работи за некаква дистопија. Можеби е малку како шоуто на Труман, но дефинитивно не во негативен контекст. Напротив, ова е утописка болница за стари лица болни од деменција.
Идејата да се отвори таква клиника ѝ дошла на Ивон ван Амеронген во 2009 година. Претходно долго работела во дом за стари лица и добро ги познава карактеристиките на болеста. Во еден момент се запрашала: Што ќе биде најдоброто да се направи кога имаш близок што страда од деменција? Што е најдоброто и за блиските, и за самите болни? И ете, се родила специјалната населба Hogeveyk.
Во Hogeveyk пациентите не се затворени во одделенија, туку живеат нормални животи: одат во ресторани, се собираат со соседите да играат друштвени игри и слично. И притоа тешко дека некој од нив знае дека живее на психијатриска клиника.
Комплексот вклучува алеи, градини, плоштади, берберница, па дури и мал кино-театар.
Куќите се изградени строго според периодот кој најголем дел од пациентите најдобро го паметат, т.е. периодот кога престанала да им работи меморијата; што значи дека гратчето е изградено во стилот на ’50-тите, ’70-тите, па и 2000-тите. Секој „кварт“ си има свој стил, а блиските на пациентите одлучуваат во кој од овие делови да бидат сместени. Во една куќа живеат по 5 до 6 лица со деменција и еден или двајца негователи.
Ивон вели дека е исклучително важно на луѓето со деменција да им се овозможи константен дијалог и интеракција со надворешниот свет – така се чувствуваат посмирени, а и болеста побавно напредува. Студиите потврдуваат; осаменоста е подеднакво штетна како и пушењето, а и двојно поштетна од гојазноста. Треба ли да објаснуваме колку пострашна е кога во миксот ќе се вклучи и деменција?
Што се однесува до Хогевејк, сопругот на една од згрижените пациентки го опишува како „отворен“ простор луѓето со деменција можат „да го набљудуваат менувањето на годишните времиња, да почувствуваат дали надвор е студено или топло. Можат да одат во ресторан на чај. Или било каде. Болницата е полна со персонал, но се преправаат дека се касиери, работници или обични граѓани. Целото гратче е како вистинско гратче, со таа разлика што никој од касиерите нема да им побара пари“.
Пријателството и поддршката што се манифестира во Хогевејк се базира на еден важен аспект во пристапот – персоналот е фокусиран на тоа што пациентите можат, а не што не можат да прават. Основачката на клиниката вели вака: „Сите луѓе што живеат овде имаат потреба од третман и нега и земаат лекови. Но нас тие самите ни се приоритет. Еден од концептите на негата е да му се даде на секој пациент право на избор, дури и ако знаеме дека пациентот преферира кафе со шеќер, ние пак го прашуваме секој ден: Сакате ли шеќер во кафето?“.
Океј, тоа заклучивме, Хогевејк потсетува на оградена елитна населба. Но што ако некој стигне до портата и посакува да замине? Таму ќе го пречека медицински персонал кој љубезно ќе им објасни дека вратата е заклучена и ќе ги замоли да побараат друга рута (друга рута нема). Сепак, првото правило е дека престојот и животот за пациентите мора да биде толку удобен што никој нема ни да посака да си оди. Со своите 1.5 хектари површина, Хогевејк ги има сите адути да го овозможи тоа. Дури имаат и своја пошта!
Во 2013 година комплексот доби почесна награда за револционерен нов концепт во грижата за луѓе со деменција. Згора на тоа, иако првично е тешко да се поверува, згрижувањето во Хогевејк чини помалку отколку да изнајмите сестра за домашна нега на 24 часа. Бонус, комплексот е само на кратка дистанца со возење од Амстердам, што само по себе овозможува чести посети и пациенти што никогаш не се заборавени… не од блиските.