Холандското лекарско друштво го оцени како неприфатлив предлог-законот според кој помошта при самоубиство ќе биде дозволена за старите луѓе кои не се болни, но сметаат дека го „исполниле својот живот“.
Холандското кралско друштво за промоција на медицината наведува дека таквиот радикален предлог е неодржлив од практични причини, ама и од гледна точка на принцип.
Во 2002-та, Холандија и Белгија станаа првите земји на светот кои ја легализираа еутаназијата на болните луѓе „чие страдање е неиздржливо и без шанси за опоравување“. Во рамките на новиот предлог-закон за еутаназија, „лицата кои после сериозно размислување сметаат дека својот живот го проживеале до крај, можат под строги услови и многу прецизни критериуми да дадат овластување да им се прекине животот на начин кои тие го сметаат за достоинствен“.
Во моментов, „помошниците на смртта“ – кои се посебен сектор во медицинската служба, можат да одобрат еутаназија откако ќе ја исклучат можноста дека лечењето ќе ја отстрани желбата за смрт. За лекарското друштво, кое говори во името на 59.000 доктори и студенти, уште еден закон за еутаназија, покрај постоечкиот, ќе значи ерозија на „свесната пракса на еутаназијата“, и ќе поттикне несигурност кај старите лица и жигосување на староста генерално. Наместо тоа, холандските доктори апелираат да се пронајде решение на проблемот со чувството на бескорисност кај старите лица. За да им се живее.