Хоџа: Поднесувам оставкa од министерската функција

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – Арјанит Хоџа, синоќа за ТВ21 изјави дека денеска ќе поднесе оставка од министерската функција.

Тој најави дека деталите ќе ги образложи на прес-конференција.

Вчера, во однос на случувањата во Собранието околу иницијативата за недоверба на владата и одлуката на неговиот сопартиец Кастриот Реџепи, Хоџа порача дека борбата продолжува и секој ќе одговара за своите постапки.

„Врвот на опасноста на демократијата се достигнува кога преку недемократски форми дури и на пратениците им се оневозможува слободното изразување на волјата“, објави секретарот на Беса на својот фејсбук профил.

„Заканата, уцената или другите форми на влијание се показател за инсталирање режим кој е ставен над волјата на народот. И покрај сѐ, Движењето БЕСА ја продолжува војната. Одиме по нашиот свет пат за да го победиме злото!“, додаде тој, потенцирајќи дека секој поединечно ќе одговара за своите постапки, а дека Движењето БЕСА „продолжува со политичкото патување“.

Тој истакна и дека соработката на опозицијата со Алијансата за Албанците и Алтернатива „ќе продолжи до последното уривање на овој режим“.

Неколку дена порано, прашан дали Беса е поблиску до напуштање или останување во коалицијата, Хоџа рече дека дури и партијата да одлучи да продолжи да биде дел од сегашното владејачко мнозинство, тој како министер повеќе нема да биде дел од тоа мнозинство.

„Човек живее за принципи, јас не можам да се гледам на маса со луѓе кои се подготвени да му забијат нож во грб на својот коалициски партнер“, изјави тој.

Извор: МИА

- Реклама -