Каква е таа операција што чини 100 милиони долари? Каква е таа кауза што бара поддршка од Марк Закерберг и другите светски милијардери? И зошто има толку многу противници?
Медицинската наука се усовршува секојдневно, но дали е прогресот доволен за да биде успешно трансплантирана човечка глава? Италијанскиот научник и ентузијаст – Серџо Канаверо, одговара потврдно: „Да, таква операција е возможна“.
Пред две години, неговата амбиција да комбинира туѓа глава со туѓо тело предизвика вистинска сензација. Научните кругови се поделија на скептици и утописти, филозофите, се разбира, се фатија околу темата дали трансплантацијата на глава е етичка, а невролозите почнаа да теоретизираат што ќе се случи со меморијата, разумот и свеста на пациентот, ако воопшто преживее. Она што сите едногласно го прифатија е дека станува збор за нешто револуционерно.
По експериментите со животни – стаорци и мајмун, Канаверо и кинескиот колега Рен Ксиопинг тврдат дека ги поминале прелиминарните тестови во лабораторијата во Чикаго и имаат детален хируршки план за конечно да се обидат со жив човек.
„Имаме доста собрани информации, доволно за да продолжиме напред. Важно е луѓето да престанат да мислат дека трансплантацијата на глава е невозможна. Напротив, тоа е апсолутно можно и ние работиме кон тоа да се случи“, коментира Италијанецот, во чиј тим влегуваат и други научници од Јужна Кореја и Австрија.
Ако се изврши, операцијата ќе биде без преседан.
Има и доброволец – Русинот Валериј Спиридонов. Тој страда од ретката Вердниг-Хофманова болест – генетско нарушување кое го спречува телото да расте и ги атрофира мускулите. Главната грижа на Спиридонов е дали ќе ја издржи 36-часовната трансплантација, која подразбира и сериозно ладење на неговото тело.
„Ризикот е дел од животот. Во таква операција ризиците можат да контролирани“, самоуверено коментира Канаверо.
Постои и друга причина што операцијата ќе се одвива во Русија, освен што таму живее пациентот – таму операцијата ќе чини околу 20 милиони долари, што е значително поевтино отколку во САД.
„Во Русија има неверојатни професионалци, кои знаат да бидат многу корисни. Затоа се свртев кон милионерите – од Русија и светот – да ја финансираат првата трансплантација на човечка глава во светот“, вели ексцентричниот неврохирург. Сепак, тоа нема да се случи порано од 2017-та година.
Има уште многу пречки
На прво место – бирократијата. Второ – парите. Трето – противниците. Колегите на Канаверо тврдат дека неговите обиди не се научно докажани и дека самиот тој повеќе се интересира за славата и медиумското внимание, кога изјавува дека успешно пресадил глава на мајмун или дека соединил ‘рбетни мозоци на глувци, по што се јавило движење во екстремитетите.
Според него, тоа го извел со полиетилен гликол – супстанца која ја задржува мембраната на нервните клетки. Тоа е и технологијата со која италијанскиот научник има намера да го одвои телото од главата на Спиридонов.
За многу експерти, наведениот метод е „нешто полошо и од смртта“.
Според соопштението испратено од тимот, некаде на средината на месецов, се очекува резултатите да бидат објавени во неколку специјализирани списанија, како CNS Neuroscience & Therapeutics. Сепак, тие не се научно проверени, нема заверка од други научници и никакви препораки или проценки од други експерти, што фрла тешка сенка на сомнеж врз т.н. достигнувања на Канаверо.
Да, Канаверо објави видеа и слики, но научничката јавност не ги прифати како докази
Мајмунот кој ја издржа 20-часовната операција во Кина по пресадувањето на глава, мораше да биде еутаназиран од етички причини. А се појавија и слики од обиди со човечки трупови, пак во Кина.
Кој е тој?
Серџо Канаверо завршува медицина во Торино и специјализира во областа на неврохирургијата, но во јавноста се прочу со тврдењето дека токму тој ќе биде првиот хирург во историјата, кој пресадил човечка глава. Црквата го критикува, а магазинот Forbes ги оценува неговите намери како „гнили“. Ако неговата медицинска револуција пропадне и Канаверо не успее да изнајде нова надеж за оние кои страдаат од парализа, научната заедница се надева дека барем неговите обиди ќе придонесат во откривање на начини за лекување на болестите на ‘рбетниот мозок и централниот нервен систем.
Ќе видиме. Нема да биде прв пат во историјата човештвото да плука по нечии „луди“ идеи кои потоа се покажуваат како генијални и пред своето време, ама нема да биде ни прв пат некој шарлатан да лаже дека направил нешто што е невозможно, или некој што се лупал во гради да заврши со мизерен неуспех.