Наим Касем ја задржа својата позиција кога Насралах стана лидер и долго време беше еден од водечките портпароли на милицијата, давајќи интервјуа за странски медиуми, вклучително и за време на минатогодишните прекугранични судири со Израел
Либанската вооружена група Хезболах објави дека генералниот секретар Хасан Насралал, убиен во израелски воздушен напад на јужното предградие на Бејрут пред повеќе од еден месец, ќе го наследи неговиот заменик Наим Касем. Групата во соопштение за печатот напиша дека нејзиниот совет Шура го избрал 71-годишниот Касем во согласност со воспоставениот механизам за избор на генерален секретар.
Тој беше назначен за заменик лидер на Хезболах во 1991 година од тогашниот генерален секретар Абас ал Мусави, кој беше убиен следната година во напад на израелски хеликоптер.
Касем ја задржа својата позиција кога Насралах стана лидер и долго време беше еден од водечките портпароли на милицијата давајќи интервјуа за странски медиуми, вклучително и за време на минатогодишните прекугранични судири со Израел.
Насралах беше убиен на 27 септември, а високиот функционер на групата Хашем Сафиедин, кој се сметаше за негов најверојатен наследник, беше убиен во израелските напади една недела подоцна.
Од убиството на Насралах, Касем имаше три телевизиски обраќања, вклучително и на 8 октомври кога рече дека вооружената група ги поддржува напорите за постигнување прекин на огнот во Либан.
Многумина во Либан веруваат дека тој нема харизма и тежина што ги имаше Насралах.
Израелската влада на својот официјален профил на социјалната платформа Икс објави:
„Неговиот мандат би можел да биде најкраток во историјата на оваа терористичка организација доколку ги следи стапките на неговите претходници Хасан Насралах и Хашем Сафиедин. Нема друго решение во Либан освен отстранување на оваа организација како воена сила“.