Хезболах ја потврди смртта на својот лидер

Во соопштението објавено околу 14 часот по средноевропско време, либанската милитанстра група изјави дека нивниот лидер Хасан Насралах е мртов и најави продолжување на борбата против Израел

Неколку часа по објавата на израелската војска, либанската милитантна група Хезболах ја потврди смртта на својот лидер Хасан Насралах. Во соопштението објавено околу 14 часот по средноевропско време, Хезболах изјави дека нивниот лидер е мртов и најави продолжување на борбата против Израел.

Антиизраелски протести во Техеран по смртта на лидерот на Хезболах / Фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH

„Раководството на Хезболах му ветува на највисокиот, најсветиот и најскапоцениот маченик на нашиот пат полн со жртви и маченици, дека ќе ја продолжи својата борба пред лицето на непријателот, поддржувајќи ја Газа и Палестина и бранејќи го Либан и неговиот непоколеблив и чесен народ“,

се наведува во соопштението на Хезболах.

Соопштија дека нивниот лидер бил убиен по „предавнички воздушен напад врз јужните предградија“.

Претходно денеска, армијата на Израел соопшти дека лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, бил убиен во синоќешните „таргетирани“ напади врз Хезболах во Бејрут.

„Хасан Насралах повеќе нема да може да го тероризира светот“,

порача израелската војска.

Покрај Хасан Насралах, Израелските одбранбени сили соопштија дека е убиен и командантот на јужниот фронт на Хезболах, Али Караки, како и други команданти на вооруженото движење.

Пред објавата на смртта на Насралах, рано наутро беше извршена нова серија израелски воздушни напади врз цели на Хезболах во јужен Бејрут и во долината Бека во источен Либан.

- Реклама -