Либанската милитантна група Хезболах соопшти дека денеска истрелал десетици ракети врз воена база во северен Израел, нагласувајќи дека тоа е првичниот одговор на минатонеделното убиство на вториот човек на Хамас Салех ал-Арури во упориштето на шиитската група на периферијата на Бејрут.
Хамас, Хезболах и либанската влада го обвинија Израел, а американски воен претставник во средата рече дека дефинитивно станува збор за „израелски напад“.
Израел не ја презеде одговорноста за нападот, прв во близина на Бејрут од почетокот на војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас на 7 октомври.
– Како дел од првичниот одговор на убиствто на големиот водач Шеик Салех ал-Арури, исламскиот отпор (Хезболах) ја гаѓаше воената база Мерон со 62 проектили од различни типови, се вели во соопштението на Хезболах. .
Израелската војска изутрината соопшти дека околу 40 ракети биле истрелани врз областа Мерон од соседен Либан, додавајќи дека израелските сили одговориле со удар врз „терористичката ќелија“ одговорна за некои од нападите.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, Хезболах секојдневно врши напади врз Израел од Либан, како поддршка на Хамас. Израел возвраќа со гаѓање цели во јужен Либан.