Пишува: Јане Алтипармаков
Heroes, објавен на 14 октомври 1977 година, е вториот албум од Берлинската трилогија на David Bowie, создадена во соработка со продуцентот Брајан Ино. Овој култен албум, познат по својата иновативна продукција и звук, претставува важен пресврт во музичката кариера на Bowie, кој во тоа време се оддалечува од глам-рок корените и експериментира со постпанк, амбиентални звуци и електронски пејзажи.
Албумот е произлезен од урбаниот и суров амбиент на поделениот Берлин, каде што Bowie бараше уметничка и лична рехабилитација. Главната песна и воедно насловна нумера Heroes, е химна на бунт и надеж, инспирирана од вистинска случка на двајца вљубени крај Берлинскиот ѕид, просведочена од Bowie и продуцентот Eno. Оваа композиција се истакнува со нејзините емотивни лирики и уникатната инструментална структура, која се гради врз моќни гитари и синтсајзери, создавајќи чувство на триумфално издигнување. Со тек на време оваа нумера објавена и како сингл, стана вистинска химна на многу случувања тесно поврзани со културната сцена
Она што го прави овој албум навистина посебен е неговата комбинација на минималистички, често инструментални композиции како “V-2 Schneider” и “Sense of Doubt”, каде што Bowie и Ено си играат со електронски и амбиентални текстури. Овие песни не само што ја продолжуваат естетиката од Low (првиот дел од Берлинската трилогија), туку и ги прошируваат неговите експериментални хоризонти.
Тематски, Heroes е албум што зборува за разделби, страдање, преживување па и создавање отпорност во еден поделен свет. Ова се чувствува низ целата структура, како на пример во “Neuköln”, песна која емитира чувство на меланхолија и изолација, рефлектирајќи ја атмосферата на градот во кој е создадена.
Музичкиот стил на Heroes е радикален за своето време, бидејќи ја испреплетува рок музиката со авангардни и електронски звуци, што подоцна ќе стане инспирација за многу бендови во 80-тите и 90-тите. Албумот го прикажува Bowie како вистински музички визионер, кој никогаш не се плаши да експериментира со звукот и да ги надминува жанровските граници.
Heroes е не само култен албум, туку и еден од најзначајните проекти на David Bowie, кој ја носи музиката кон нови и непредвидливи територии. Песната Heroes ќе остане вечен симбол на отпорност и човечка волја, додека останатите песни на албумот ја покажуваат смелоста на Bowie да создава уметност која се движи далеку од популарните трендови.