Политичарите во Хаваи, во надеж дека целосно ќе ја забранат продажбата на цигари, предлагаат да ја качат границата на минималната возраст на 100 години. Значи, ако предлогот помине, а вие немате наполнето 100 години, тогаш нема да можете легално да купите цигари од продавница.
„Легислативата констатира дека цигарите се најштетниот производ во човечката историја. Тие се неразумно опасен и дефектен продукт, кој убива половина од неговите долгогодишни корисници. Понатаму, иако цигарите сами по себе создаваат зависност поради присуството на никотин, тутунската индустрија дополнително го манипулира дизајнот и цигарите за да го зголеми интензитетот на навиката и зависноста“, се вели во предлогот.
Со стапување во сила, минималната старосна граница постепено би се зголемувала – 30 години во 2020-та, 40 во 2021, 50 во 2022, 60 во 2023 и на крајот 100 години во 2024-та. Тоа во пракса значи дека во рок од четири години, иако 100-годишниците ќе можат легално да купат цигари, најверојатно нема да можат да ги најдат, бидејќи поради малата побарувачка ќе нема ни понуда. Преку тоа ефективно ќе се постигне целосна забрана на продажбата на цигари.
Предлагач на легислативата, инаку, е Ричард Криган, поранешен доктор во одделение за итна помош.
„Во суштина, имаме група луѓе кои се тешко зависни, и според мене, поробени од страшно лоша индустрија – која ги поробува дизајнирајќи цигари кои создаваат силна зависност, знаејќи дека се високо смртоносни. А, се такви“, образложува Криган за Hawaii Tribune-Herald. „На луѓето не им дозволуваме опијати, на пример, или лекови без рецепт. Ова (цигарите) е многу поштетно и поопасно од било кој лек на рецепт, а и создава поголема зависност. Според мене, (со предлогот) ги земате луѓето кои се заробени, и ги ослободувате од ропството“.
Забраната нема да ги спречува туристите да внесуваат цигари од други места, а и не важи за другите тутунски продукти, како е-цигари, тутун за џвакање или пури. Логиката е дека незапаливите продукти се помалку штетни од цигарите, додека пурите се поскапи и помалку достапни и згора на тоа не се вдишуваат, па оттаму и тие се помалку опасни.
Но зошто Хаваи едноставно не воведе целосна забрана, туку ја качува минималната старосна граница на 100 години? Се работи за ограничувања во имплементацијата на федералните и државните закони. Целосна забрана би била тешка за да се испреговара, додека од друга страна државите како Хаваи имаат право да ја креваат старосната граница практично до недоглед. Хаваи веќе еднаш ја зголеми границата за пушењето, од 18 на 21 година. Со тоа стана првата држава што го направи тоа во 2016-та.
За предлогот да стане закон, меѓутоа, освен што ќе треба да ги помине легислативните чекори, ќе треба, веројатно, и да одолее на отпорот од тутунската индустрија.