Хари Џексон бил прогресивен Дон Кихот вљубен во правдата

Документарниот филм „Последниот каубој“ во режија на Тадеј Чатер, снимен во словенечко-македонска копродукција, ќе ја има својата македонска премиера, вечерва во 18 часот во Домот на културата „Билјана Беличанец“, како дел од 9-тото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.  „Последниот каубој ја раскажува приказната за Хари Џексон, бунтовникот, вечниот трагач по правдината и вистината и обожавателот на вестерни од Биелина во БиХ , кој се осмелил да ги живее своите соништа односно сопствениот живот да го живее како филмски лик.

Филмот ја следи приказната за фотографот и режисер на вестерни по потекло од Тетово, кој 1966 година од Аљуш Мусли и официјално го променил сопственото име во Хари Џексон, снимил тринаесет вестерн-филмови во кои самиот ја играл главната улога на шериф. Од Биелина направил Санта Фе, од Дрина своето босанско Рио Гранде, а околните висорамнини пак му служеле како прерии. Сведоштвата на неговите блиски пријатели и семејството ја откриваат неверојатната приказна за моќта на поединецот, неговото спротивставување на времето и просторот и неговата верба во доброто и правдата.

Непосредно пред премиерата, во Скопје разговаравме со словенечкиот режисер Тадеј Чатер, кој е воедно гостин на фестивалот.

Тадеј Чатер (1967) е словенечки сценарист и режисер, со долгогодишно искуство во различни креативни области, вклучувајќи улоги како новинар, колумнист и уредник во печатените и електронските медиуми, како и во телевизијата. Тој исто така е успешен автор, со објавени две книги есеи и бројни преводи на белетристика од англиски и хрватски јазик. Во текот на изминатите дваесетина години, негов примарен фокус е изработка на документарни филмови, каде што се јавува како сценарист, режисер и продуцент. Дополнително, Чатер ја споделува својата експертиза како ментор на филмски и телевизиски работилници и како предавач за правење документарен филм на различни семинари, работилници и фестивали. Чатер ја покажува својата креативност и умешност и во областа на промотивните филмови и реклами, потпишувајќи ги сценариото и режијата, и продуцирајќи над педесет видео спотови за низа музички групи. Неговите дела како сценарист и режисер последните неколку години ги вклучуваат документарните филмови „Приказната на баба“ (2023), „Ома“ (2021), „Мојата нова цел“ (2020), „Ластовичките летаат ниско“ (2018).

Иницијлната каписла за „Последниот каубој“, била една случајна средба пред седум години, со Мирко Илиќ култен балкански автор на стрипови, илустратор, графички дизајнер и арт директор кој долго живее и твори во Њујорк.

„Пред неколку години се сретнав со Мирко Илиќ, кој беше дојден во БиХ на погреб на својата мајка. Ми раскажа дека, на погребот дошле двајца луѓе кои му дале фотографии на кои бил Хари Џекскон. Тие биле роднини на Џексон, и сакале тој да ги сочува. Ми ги покажа фотографиите и почна да ми раскажува дека се сеќава од детството на индијанците  и на тој некој, фраер кој се викал Хари Џексон. Дека, тој си го променил името им дал американски имиња на своите ќерки. Најпрво, не му верував и следниот ден гуглав и најдов многу статии за Џексон. Дознав и дека Кустурица работел нешто за него. Но, сите написи беа некако со доза на потсмев кон Џексон. И така почна приказната. Мене ми се чинеше како веќе напишано сценарио. Потоа добивме поддршка од Словенија и од Македонија, и почна снимањето.“, раскажува Чатер.

ЈУСО МУРАТОВИЌ ДО КРАЈ ЈА ЖИВЕЕЛ КАУБОЈСКАТА БАЈКА

Главниот протагонист во „Последниот каубој“, Јусо Муратовиќ, најдбар другар на Хари Џексон и главен актер во неговите каубојските филмови Јусо Муратовиќ, до крај на животот бил „каубој“.

„Кога го сретнав Јусо Муратовиќ тој се согласи да ја раскажеме приказната за Џексон. Неверојатно беше дека тој и натаму ја живее таа вестерн бајка, но не јава коњ, туку жолт скутер. Потоа во Берлин, се сретнав со сопругата на Џексон и добив пореална слика каков човек бил и како живеел. Секако бил тежок човек, се што заработил вложил во филмовите, не успеал ниту да ја догради куќата“, вели Чатер.

ФИЛМОВИТЕ НА ЏЕКСОН НИКОГАШ НИКОЈ НЕ ГИ НАШОЛ

Овој сонувач од Биелина, се што заработел во животот го вложил во неговите вестерни. Но, филмовите до денес никој не ги нашол. Постоела и идеја да се сруши неговата куќа, верувајќи дека таму некаде се сокриени, или закопани во ѕидовите, но Чатер вели дека сепак одлучиле митот за Хари,  да остане каков што е.

„Релно, не постои материјален доказ дека тој ги снимил филмовите. Некои раскажуваат дека филмовите се во куќата, некои велат дека ги изгубиле, сето тоа се митови. Во процесот на истражување пред снимањето, сепак одлучивме да не ги бараме филмовите, и тоа да остане легенда. Вистината е дека каубојските филмови беа многу популарни во времето на Џексон, односно во поранешна Југославија. Вестерните беа пандан на партизанските филмови. Во нив секогаш победува правдата. Веројатно таа била главната одредница за Хари кој го живеел својот сон. Кога неговиот сон го снемало и тој пропаднал, не сакал да го види светот поинаку, туку правден и убав. Кога се соочил со војната во Босна, за него животот завршил. Последните години, практично вегитирал, одбивал да ја прифати таа нова реалност.“, раскажува Чатер.

ПРИКАЗНАТА ЗА ХАРИ Е ПРИКАЗНА ЗА ПОСЛЕДНИТЕ СОНУВАЧИ И БЕСМИСЛЕНОСТА НА НАЦИОНАЛНИТЕ ИДЕНТИТЕТИ

„Последниот каубој“ не е само локална приказна за еден сонувач. Таа е универзална, особено во денешен контекст, кога живееме во свет без идеали.

„Тој можеби е последниот сонувач, кој до крај верувал дека во Босна и Херцеговина нема да се случи војна. Тој останал до крај во Билеина иако семејството му се иселило во Германија. Останал сам, му ја зеле и куќата. Мислам дека повеќе нема такви луѓе, дека некој би го ризикувал животот во име на личните идеали. Тој  никогаш не бил во Америка, дошол од Тетово. Тој сам на себе си изградил Америка, реката Дрина му била Рио Гранде, рудниците, американски прерии.“, вели Чатер.

Судбината на Хари, поточно неговиот животен избор, поттикнува и на размислување дека тој бил и многу прогресивен. Со самиот факт што си го сменил името, неважна му била неговата национална или религиозна припадност, туку единствено свето му биле неговите вестерни, зборува за нашите идентитети на поинаков начин.

„Хари бил пред своето време. Бил понапреден од сите и бил посебен, затоа и не бил омилен. Денеска, навистина е неважно кој од каде е. Во филмот се зборува на босански јазик, јас сум од Словенија, продукцијата вклучува три земји. Сега, чиј е овој филм? Секако дека дека е на сите нас, неважно кој од каде е. На премиерата во Словенија јас зборував на српско-хравстки јазик, едноставно како да заборавив дека сум во Словенија. Тие национални идентите се изгубени сосема. Имам пријатели во Љубљана од сите поранешни републики, и никој не размислува за тоа кој од каде е, сите сме исти, и сите мораме да преживееме. За ова Хари бил свесен многу одамна, и затоа сметам дека и овој агол на документарниот филм е важен. Се надевам и дека ќе не поттикне да размислуваме за своите идеали, и сонот што треба да го следиме.“, вели Чатер.

Што се однесува до важноста за регионалната продукциска соработка Чатер смета дека копродукциите се најважни, за да може да опстане евроспкиот филм, како антитежа на американската масовна продукција. Задоволен е од соработката со Македонија и се надева на идни проекти.

Останатите членови на авторската екипа на филмот се: Јанез Штуцин (Словенија), директор на

ФИЛМ од Скопје. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за Филм на Република Северна Македонија.

фотографија, Јулиј Зорник (Словенија), кој го дизајнираше звукот, Дејан Смилевски (Македонија), кој

се јавува како монтажер, и Дамир Авдиќ (Босна и Херцеговина), кој е композитор.

Продуценти на „ПОСЛЕДНИОТ КАУБОЈ” се Владо Булаиќ и Лија Погачник од продукциската куќа

ДЕЦЕМБЕР од Љубљана, Словенија, и Дејан Крајчевски, од македонската продукциска куќа КРУГ

Пишува: Ана Василевска

Извор: https://novatv.mk/razgovor-so-tadej-chater-rezhiser-na-dokumentarniot-film-posledniot-kauboj-hari-dhekson-bil-progresiven-don-kihot-vluben-vo-pravdata/

- Реклама -