Хан со слична порака како Димитров: ЕУ да објасни колку е сериозна околу Западен Балкан

Најмалку што Европската унија му должи на регионот е да биде искрена околу консензусот за неговата европска иднина, порача денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров на Твитер, откако е сосема јасно дека земјава и по 14 години кандидат за членство нема да добие датум за започнување на преговорите со Европската унија.

Нешто подоцна со сличен став на Твитер се огласи и еврокомесарот Јоханес Хан, со што за првпат вака сериозно и јавно се доведува во прашање сериозноста на намерите на Европската унија кон Западниот Балкан.

„ЕУ лидерите потфрлија да ја исполнат нивната обврска за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија на самитот на Европскиот совет. Се работи за екстремно разочарување. ЕУ сега мора да разјасни колку е сериозна нејзината посветеност кон интеграцијата на Западниот Балкан.

Им благодарам на сите оние кои синоќа ја вложија сета своја тежина за постигнување на одлука од голема стратешка важност за Европската унија и се бореа за да биде испратен сигнал на надеж до граѓаните на Западен Балкан.

Како што веќе реков во Луксембург: Ова не е славен момент за ЕУ. Одбивањето да се вреднува докажаниот прогрес ќе има негативни последици, вклучувајќи го и ризикот од дестабилизација на Западен Балкан, со целосен импакт врз Европската унија.

Наша одговорност сега е да застанеме заедно со земјите чии граѓани се со право разочарани до кocка и ќе продолжам да правам сѐ во моја моќ за да ги поддржам. Евроинтеграцијата на Западен Балкан е и останува да биде важна стратешки стремеж, во наш заемен интерес“, напиша Хан.

 

- Реклама -