Отворање на преговорите со Македонија и Албанија, и тоа веднаш, препорача еврокомесарот Јоханес Хан во име на Европската комисија презентирајќи ги извештаите за напредокот за земјите аспиранти за членство во Европската унија.
Во својот воведен говор пред Европскиот парламент, Хан нагласи дека и двете земји покажале значаен напредок во амбициозните реформските задачи, а ги пофали и Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, нарекувајќи ја Северна Македонија „светол пример за останатите земји“.
„Северна Македонија продолжи да ја исполнува реформската агенда и постигна историски договор со Грција, а сето ова е пример за тоа како да се зацврстат билатералните односи, но и сјаен пример и сведоштво за моќта на привлечноста на ЕУ“, рече Хан.
Тој објасни и зошто Европската комисија смета дека почетокот на преговорите треба да се случи веднаш, а како една од главните причини ја наведе „ургентната потреба“ за подобрување на меѓусебните и внатрешните односи во Западен Балкан.
Еврокомесарот заклучи дека конкретните земји кандидати ги исполниле своите ветувања и дека сега на ред е Европската унија да ги исполни нејзините.
За Албанија ова е прва препорака за отпочнување на преговорите, додека за (Северна) Македонија е веќе десетта. Земјава се надева дека Унијата ќе го направи следниот потребен чекор во јуни, кога предлогот на Хан и ЕК ќе треба да биде одобрен од советот на министри на земјите членки на ЕУ.