Хамрен и натаму селектор на Шведска

Прераната елиминација на Шведска уште во првата фаза од ЕП 2012 нема да значи и отказ за селекторот на оваа репрезентација, Ерик Хамрен.

Првиот човек на Шведската Фудбалска Федерација, Карл-Ерик Нилсон, експресно ги демантираше гласините дека неуспехот на овоj европски шампионат ќе значи и прекин на соработката со Хамрен, најмногу поради фактот дека двата порази на „Tрите круни“ се оценети како незаслужени и крајно несреќни.

„Испаѓањето од ЕП 2012 никако не може да биде оценето како неуспех на селекторот, бидејќи поставената игра од страна на Хамрен не беше причина за неуспехот. Ние сè уште имаме стопроцентна доверба во овој стручњак, којшто ќе ја води селекцијата и на квалификациите за мундијалот во Бразил“ изјави Нилсон за весникот „Експресен“.

Ерик Хамрен нема да има ни малку лесна задача да го обезбеди учеството на Шведска на следното Светско првенство, ако се знае дека оваа селекција за противници во квалификациската група ги има Германија, Република Ирска, Австрија, Каззахстан и Фарските Острови.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -