Луис Хамилтон е главен виновник што Себастијан Фетел не направи уште еден голем чекор напред кон третата шампионска титула во низа, успевајќи да го победи германскиот возач на вчерашната премиерна трка за Големата награда на САД што се возеше во Остин, Тексас.
Фетел важеше за огромен фаворит по извонредните изданија во текот на целиот викенд, вклучувајќи ја тука и изборената пол-позиција.
Сепак, Хамилтон одговори на предизвикот, го следеше Германецот во поголемиот дел од трката, за во 42. круг конечно да успее да го мине и да излезе на чело на колоната. Потоа, Хамилтон рутински се задржа на првото место, откако Фетел и самиот не сакаше да ризикува да не дојде до некој несакан судир што ќе значеше уште поголемо фијаско за него на вчерашната трка.
Освоеното второ место значеше и само минимално зголемување на предноста што Фетел ја има во однос на Фернандо Алонсо во генералниот пласман, откако Шпанецот возеше одлично и иако стартуваше како седмопласиран, на крајот успеа да стигне до третата позиција.
Фактот што и двајцата се најдоа на подиумот значи дека позитивата на Фетел во однос на Алонсо сега изнесува 13 бода, па јасно е дека последната трка за оваа сезона, онаа за ГН на Бразил ќе даде одговор на прашањето кој од овие двајца возачи ќе се закити со титулата Ф1 шампион за 2012 година.
Што се однесува до Хамилтон, Британецот ги заслужува сите комплименти за големиот триумф на оваа трка, четврти за него сезонава и вкупно 21. во кариерата, со што овој возач покажа дека сѐ уште е максимално фокусиран за да му помогне на Мекларен без оглед на фактот дека веќе потпиша договор со тимот на Мерцедес ГП за следните неколку сезони.