Македонска навигација М-НАВ како давател на услуги во воздухопловството гарантира дека безбедноста ниту била, ниту ќе биде загрозена, рече денеска на прес-конференција претседателот на Управниот одбор и извршен директор во М-НАВ, Фахрудин Хамиди.
Прес-конференцијата се одржува по вчерашниот инцидент во Македонска навигација (М-НАВ), каде што неколку лица упаднаа во институцијата и нападнаа вработен и откако Струковиот синдикат на контролори на летање најави дека во знак на поддршка на нивните синдикални активности, 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници ќе се повлечат од раководните позиции во М-НАВ и работните проекти.
Хамиди рече дека претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски постапува од негови лични мотиви и интереси и како што рече, „не не остава да си ја вршиме работата и оти репутацијата на компанијата е доведена во прашање поради лажни клевети“.
– За жал, имаме лукративни и лични интереси и нека му е на чест. Тој кажува за непотизам и за партиски вработувања само заради дефокусирање на јавноста. Тој е непотизам самиот, неговиот татко беше началник, тогаш беше примен и тој, истовремено и брат му работи како контролор, рече Хамиди.
Тие што ги исполниле условите на конкурсот за кој реагираше Синдикатот, според Хамиди, се примени, а некои заради неуреден стаус не се. Отворени се, како што рече, за сите можни постапки од институциите, Антикоруциската, Финансиската полиција.
Хамиди рече дека е подготвен да даде оставка, но како што посочи, Владата веќе најавила деа ќе го разреши раководството.
По вчерашниот инцидент во М-НАВ, Владата најави разрешување на раководството и ревизија во оваа институцијата, а Струковиот синдикат на контролори на летање генерален штрајк доколку директорите не поднесат оставки или не бидат разрешени.