Хамас нема да учествува во новата рунда преговори за прекин на огнот во Појасот Газа

Израелската влада најави дека ќе испрати делегација на разговорите, но Хамас побара функционален план за спроведување на предлогот што веќе го прифатил, наместо дополнителни разговори

Палестинската исламистичка група Хамас соопшти дека нема да учествува во новата рунда преговори за прекин на огнот во Појасот Газа најавена за четврток во Катар, со што ги урна надежите дека планот на Иран за напад на Израел може да биде зауздан, пренесува Ројтерс.

Соединетите држави соопштија дека очекуваат индиректни разговори за прекин на огнот да се одржат во четврток во Доха како што е планирано и дека е можен договор за ова прашање.

Неколку ирански официјални лица рекоа дека само договорот за прекин на огнот во Газа може да биде причина Иран да се воздржи од директна одмазда против Израел за неодамнешното убиство на лидерот на Хамас Исмаил Ханије во Техеран.

Израелската влада најави дека ќе испрати делегација на разговорите, но Хамас побара функционален план за спроведување на предлогот што веќе го прифатил, наместо дополнителни разговори.

„Хамас е посветен на предлогот претставен на 2 јули кој се заснова на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации и говорот на (американскиот претседател Џозеф) Бајден, и е подготвен веднаш да започне дискусии за механизмот на неговото спроведување. Одењето на нови разговори ќе им овозможи на окупаторите да постават нови услови и да ги искористат преговорите за да извршат нови масакри“,

изјави за Ројтерс високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри.

Во меѓувреме продолжија интензивните судири во Газа, а според жителите на Кан Јунис, израелските сили ги кренале во воздух нивните куќи и го засилиле тенковскиот оган врз источните делови на центарот на градот.

Израел изјави дека одговорил на ракетниот истрел на Хамас врз Тел Авив, наведувајќи дека во изминатите 24 часа целеле околу 40 воени цели на Хамас, вклучително и во центарот на Гаја, Кан Јунис и Рафах.

Според палестинските здравствени власти, денеска во израелски напади загинале најмалку 14 лица.

Според претходните најави, Хамас сака договор за крај на конфликтот и повлекување на израелските сили од Газа како предуслов за ослободување на заложниците, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторува дека ќе се согласи само на пауза која би овозможила ослободување на што повеќе заложници. Тој неколку пати повтори дека војната може да се заврши само кога Хамас ќе биде целосно уништен.

Во нападите на израелските сили беа убиени околу 40 000 палестински цивили.

Израел тврди дека изгубил повеќе од 300 војници.

- Реклама -